Wednesday, December 4, 2024

 

Примитивизмот како национално обележје

 

ИСКРШЕНИ И ФРЛЕНИ ВО ВАРДАР КЛУПИТЕ НА КЕЈОТ КАЈ ГРАДСКИ ПАРК ВО СКОПЈЕ (фотографии од вандализам)

Искршени клупи, оштетени видиковци во парк-шумата „Водно“

Искршени клупи во центарот на Прилеп

Откорнати и искршени клупите во паркот Македонија

Искршени клупи околу спортскиот центар „Билјанини Извори“

Искршено детско игралиште

ИСКРШЕНИ КАБИНИТЕ И ОПРЕМАТА НА ЌУМУРНОТО ИГРАЛИШТЕ ВО БИТОЛА

Вандализам во Струмица

Вандализам во Тетово



Како дојдовме до ова дереџе безмилосно да се уништува заедничкото, општото добро?

Како се случи да изградиме генерации млади луѓе кои мислат дека уништувањето на клупа во парк или лулашки во детско игралиште е знак на херојство, обележување на престижен статус или едноставно забава?

Лично мислам дека е ова резултат на погрешен пристап кон примитивизмот кој постои со години. Уште повеќе, според мене веќе подолго време примитивизмот во Македонија се промовира, се прикажува и се негува како белег на националниот идентитет, како традиционална вредност која ја идентификува нашата посебност. Ние веќе и не знаеме кога сме примитивни.

Примитивизмот се појавува како посакувано однесување кое се претставува како израз на спонтаност, неуниформност, слобода, комуникативност, расположение, пријателски однос кон блиски и кон странци, поврзување со заедницата.

Вака прикажан и разбран примитивизмот ја менува генералната перцепција на однесувањето на луѓето.

Сте слушнале дека Македонците се најгостољубивите луѓе? И луѓе кои знаат да се веселат? И луѓе кои споделуваат и не се стегнати како да проголтале лопата?

Сте слушнале како им се смеат на странците кои закажуваат средба по една недела или за еден месец,

Ма ајде.

Ние ќе отидеме на гости ненадејно. Ќе им заѕвониме на врата и ќе ни се израдуваат. Можеби си имале други планови, можеби не се расположени за гости, можеби едноставно си планирале мирна вечер покрај телевизорот. Нема врска. Ете не нас на врата. Насмеани и среќни што сме им причиниле такво задоволство.

Дури има и рецепти за ненадејни гости. И намештај и совети како набрзина да го средиш станот.

Или, на пример во Македонија не се смета за примитивизам доколку пушташ дома гласна музика која ечи низ цела населба. Не се смета за примитивизам кога ечи музика од кафулињата и рестораните во резиденцијалните квартови од градот. Не е примитивизам кога возач во јавен превоз си пушта музика по свој ќеиф.

Гласната музика која мора да ја слушаат сите во потесната и подалечната околина, се прикажува како знак на заедништво, спонтаност и споделување веселба. Таа не се перципира како наметнување, узурпирање на просторот, вознемирување, булинг. Кој пее зло не мисли. Од каде ја извадиле оваа поговорка само да знам.

Во одредени случаи примитивизмот се нарекува дијалект. И се смета за национално богатство и израз на разновидноста. Кога некому ќе му кажеш: кај си бре педер, што правиш дебел, не сум те видел сто години да си ебеш мајката, ... тоа не се смета за израз на примитивизам кој навредува, омаловажува, етикетира, туку како израз на блискост и посебност и дел од идентитетот. 

Ѓубрето по улиците, во училишните дворови, по планините и реките и езерата, покрај куќите и јавните објекти, е дело на огромен број примитивни луѓе. 



Не на еден, двајца. Не на 10-100. Огромен број луѓе кои немаат основно воспитување и елементарна почит за јавниот простор како заедничко место за живеење.

И што е најважно со леснотија критикуваме колку е се запуштено и валкано, меѓутоа тоа е секогаш нечија туѓа кривица. Јас не сум слушнала човек да каже дека фрлил ѓубре. Понекогаш добивам впечаток дека доаѓаат вонземјани кои ни расфрлаат ѓубре наоколу.

Најверојатно ова е еден од највидливите изрази на примитивизмот во Македонија. Примитивизам кој боде очи и кој не може да биде затскриен на никаков начин. Примитивизам кој е директно штетен по здравјето на луѓето.

Еден друг примитивизам, примитивизам кој не е толку лесно да биде забележан и посочен како таков е обраќање на луѓето.

Одиш во продавница и те пречекува многу љубезна продавачка која ти се обраќа со:   мајче што треба. Или, бабичке да ти помогнам. Или, дедо кај си тргнал. Или, тетке стави ја овде картицата. Можеби на продавачката тоа и изгледа како израз на добрина и пријателство, меѓутоа јас го разбирам како израз на понижување, непочитување и навлегување во мојот приватен простор.

Или во болница. Или што ептен ме вади од памет, во дом за стари луѓе. Кога спрема постарите луѓе се однесуваат како кон недоветни.

Навистина не ми е јасно од каде им е идејата на овие луѓе дека јас сум дел од нивното потесно или пошироко семејство или дека сакам да бидам дел од нивното потесно или пошироко семејство.

Фамилијаризирањето како облик на примитивизам е присутно на секој чекор. Колку пати сте доживеале некоја сосема непозната личност на улица да ви каже дека детето ви е премногу или премалку облечено, дека му е голо мешето, дека не треба така да се држи, дека сигурно му е студено затоа што му помодрело носето или премногу жешко затоа што му се црвени образите.

Следен облик на примитивизам е непочитувањето на сообраќајните правила. (слики со прекршоци) Не е само прекршување на законите (некогаш дури може и да не бидат прекршени), туку едноставно отсуство на елементарна свест за постоењето и правата на други луѓе. Паркирањето таму каде што е забрането да се паркира, паркирањето на зелени површини, брзото возење, поминувањето на црвено светло, непропуштањето пешаци на пешачки премин, бесмисленото трубење, ... се е тоа знак на примитивизам. Примитивизам кој убива, или повредува, или создава непријатна атмосфера или предизвикува нервоза.

Примитивизмот почнува од дома. Од семејството. Од отсуството на елементарно семејно воспитување. Од она што децата го гледаат како модел на однесување. И гласната музика и обраќањето на луѓето и отсуството на елементарна свест за заедничкото и јавното добро, и фрлањето ѓубре, и начинот на комуникација и начинот на учество во сообраќајот. Примитивната музика и примитивните семејно односи и примитивните шеги полни со стереотипи и предрасуди.

Потоа продолжува во училиштето со наставниците кои едно зборуваат а друго прават, со отсуството на основен меѓусебен респек и почитување со училишниот двор полн со ѓубре со автомобилите паркирани во училишниот двор.

Продолжува во поширокото опкружување

Примитивизмот го освојува просторот со гротескни споменици, лажен мермер, измешани стилови, знамиња на свадби




Примитивизмот го уништува јавното добро.  



Примитивизмот е извор на смеа, дел од театарската и филмска сцена, составен дел на секоја хумористична емисија или скеч.

Примитивизмот е дел од однесувањето на политичарите. 



 Арогантното непочитување на правилата.

 Зошто е толку опасен примитивизмот?

Примитивизмот е во принцип насилен. Тој се наметнува, омаловажува, навредува, уништува. Примитивизмот спакуван во етничка посебност е исклучително опасен затоа што се прикажува како дел од традицијата и традиционалното однесување и станува заштитен независно од очигледните негативни ефекти кои ги има во заедницата.

Распространетиот и секојдневен примитивизам спакуван во традиционално руво е извор на стереотипи и предрасуди, основа за булинг, родово насилство, конфликти, вознемирување, атмосфера на непријатност.

Примитивизмот вообичаено атакува на немоќните, на маргинализираните групи (луѓе со попреченост, стари, ЛГБТ заедницата, мигранти и бегалци, сиромашни, ...).

Борбата со примитивизмот е долга, повеќеслојна и континуирана.

Со примитивизмот се бориме во семејството, во училиштето, во однесувањето на секое јавно место, во односот кон јавниот простор и јавното добро, рекламите, театарските претстави, шоу бизнисот, однесувањето на тие кои се на власт.

Прв чекор во борбата со примитивизмот е да престанеме да го третираме како национално/традиционално обележје. Било кој облик и во било која пројавна форма. Она што некогаш можеби било нормално и прифатливо не мора да е нормално и прифатливо во денешни услови.

Втор чекор е воспоставување на конвенционално однесување. Не фамилијарно, не пријателско, не однесување на блискост. Туку конвенционално однесување кое остава дистанца и е неутрално во однос на симпатичноста или несимпатичноста на другата страна. Дури и тогаш кога ни изгледа непотребно па дури и бесмислено. Молам, благодарам, извини, дали може, госпоѓо, господине, би сакале ли, ако не ви е тешко, ...

Трет чекор во борбата со примитивизмот е третирањето на општото/јавното добро како свое. Она што е надвор од мојот дом или двор или автомобил не е ничие, туку е сечие, што значи и мое. И така треба да се однесувам кон него. Како кон свое. Моја одговорност е што се случува околу мене. Моја одговорност е дали е опкружувањето во кое живеам полно со смет или не. Моја одговорност е да ја оставам клупата на која седам во иста состојба како и пред моето доаѓање. И излетничкото место, и плоштадот, и дворот на училиштето и ...

Четврт чекор во борбата со примитивизмот е реагирање. Не може да се избориме со примитивизмот со билборди. Ниту со семинари. Меѓутоа може со наша секојдневна и конзистентна реакција.

Секое одмолчување на примитивизмот значи негова поддршка, промоција, прифаќање. Мора да се реагира на примитивизмот. Да се посочи, да се истакне, да се разоткрие. Не е срамно да укажеш на примитивизмот, срамно е да го одмолчиш и со тоа да дозволиш и понатаму несметено да опстојува.

Треба да се реагира кога некој фрла ѓубре каде што не треба.

Кога остава зад себе ѓубре.

Кога пушта гласна музика.

Кога се фамијализира со тебе.

Кога во опаковка на дијалект пласира непристоен говор.

Да се реагира и на најмал знак на булинг. И кога некој не отстапува место во автобус на постар човек или на родител со дете, и кога го нарушува редот пред шалтерот и кога шалтерскиот работник е груб и кога некој се дере на продавачот или вработениот на каса.

И треба да ги научиме децата да реагираат и да не одмолчуваат.

И ве молам немојте да го мешате примитивизмот со етикетирањето и навредувањето на политичарите.

Тоа е една сосема друга категорија на однесување.

Тоа е најчесто израз на немоќ на луѓето соочени со недопирливоста и неказнивоста на високите функционери во власта. Политичарот ја има власта и е затскриен и заштитен од функцијата и институцијата и државниот апарат. Понекогаш, во отсуство на легални средства и функционални заштитни механизми, на луѓето им останува единствено погрдниот збор, или фрленото јајце, или боја, или ... Ама тоа е една сосема друга тема за која ќе разговараме во друга прилика. Наскоро.

 

 

 

 

No comments:

Post a Comment