Замислете, клубот Македонија да функционира како клубот Реал Мадрид?
Велат дека фудбалскиот клуб Реал Мадрид е еден
од најуспешните ако и не најуспешен фудбалски клуб на сите времиња.
Според освоените трофеи, атрактивниот фудбал,
долготрајноста на присуство на фудбалската сцена.
Што го прави Реал Мадрид најголем фудбалски
клуб на светот?
Повеќе аналитичари даваат многу аргументирани и
релевантни претпоставки од кои би издвоила неколку кои според мене најдобро ја
отсликуваат основата на успехот на Реал Мадрид.
Првиот
елемент кој го посочуваат голем дел од аналитичарите како клучен за успехот на клубот Реал Мадрид
е тој дека клубот вработува широк спектар на стручњаци и експерти.
Клубот почнува да негува култура на иновации.
Оваа
култура на иновации кулминира во научна лабораторија за податоци. Во 2015
година е отворен Глобалниот спортски
иновативен центар како трипартидна иницијатива за соработка помеѓу приватни,
јавни и академски партнери, и ко-спонзорирана од Реал Мадрид. Преку ваквите
соработки и тековните технички инвестиции, клубот можеше да користи аналитика
на податоци во сите негови клучни процеси.
Вториот
елемент кој го посочуваат аналитичарите е мултикултурност издигната на ниво на
универзалност.
Според нив клубот не се оптеретува со расите,
идеологиите, културите, религиите, начините на размислување, местото на потекло
или социјалниот статус. Клубот е глобален, мултикултурен, недискриминирачки и
аполитичен што го прави мултигенерациски.
Следниот
елемент значаен за постигнувањата на Реал Мадрид е сопствената фабрика за
обликување на нови играчи. Оваа фабрика претставува еден од основните столбови
на клубот. Фабриката има и свој тренерски кадар, задолжен за формирање на млади
фудбалери и тим од психолози, нутриционисти и физиотерапевти за да се обезбеди
нивниот интегрален развој.
Тренингот
на млади фудбалери во кариерната фабрика на Реал Мадрид е напорен и ригорозен,
но и многу комплетен. Играчите поминуваат низ фаза на техничка обука, која се
фокусира на развојот на вештините со топка, како и на тактичка фаза, во која
тие учат да ја применуваат таа техника во колективната игра. Исто така, се
нагласува физичката обука и превенцијата од повреди, за да се осигури дека
младите фудбалери се во оптимални услови за да се натпреваруваат на највисоко
ниво.
Една
од целите на кариерниот расадник на Реал Мадрид е да формира елитни фудбалери
за првиот тим. Преминот на младите фудбалери од расадникот во првиот тим е
важен и внимателно испланиран процес, кој се одвива градуално. Најдобрите
играчи од секоја категорија се избираат да учествуваат на тренинзи и натпревари
со главниот тим, за да можат да се прилагодат на ритамот и стилот на игра на
првиот тим.
За помладите играчи, клубот може да понуди пробни
периоди за да ги процени нивните вештини и приспособливост кон стилот на игра
на клубот.
Следење на перформансите: Континуираната евалуација на
перформансите на играчите е од клучно значење, и на тренинзите и за време на
натпреварите, за да се осигура дека ги исполнуваат стандардите на клубот.
Кариерниот
оддел на Реал Мадрид има широка мрежа на
трагачи и заробувачи на таленти, задолжени за откривање на најдобрите млади
фудбалери во Шпанија и во странство. Овие скаути бараат не само фудбалски
талент, туку и став и посветеност на играчите, бидејќи Реал Мадрид се обидува
да тренира елитни играчи, но и целосно обликувани и изградени луѓе.
И се
разбира тука се извидниците предводени од Juni Calafat. За да ја прошири
својата мрежа и да се увери дека ниту еден иден талент нема да му избега, тој
има тим од меѓународни скаути кои му помагаат да прави извештаи и да го
одржуваат во тек со ситуацијата на секој играч кој може да биде интересен. Тој,
исто така, има бескрајна архива на видеа кои ги користи за првично извидување.
Според
аналитичарите Реал Мадрид има една од најдобрите извиднички мрежи - Global
Scouts. Тие се распространети ширум светот и ги следат талентите во различни
лиги и турнири, вклучително и младински натпревари и меѓународни натпревари.
Дел од
идентификувањето на можни идни играчи во Реал Мадрид е и соработката со други
клубови за взаемна корист, вклучувајќи можности за извидување и размена на
таленти.
Меѓутоа,
и ова не било доволно. Покрај разработената фабрика за таленти и мрежа на ловци
на таленти, Реал Мадрид создал и аналитички центар.
Клубот
користи напредна аналитика и податоци за перформансите за да ги процени
потенцијалните засилувања, да ја процени статистиката на играчите, физичките
атрибути и тактичката подготвеност.
Не е доволно некој играч да биде талентиран и
да биде добар тимски играч. Играчите се оценуваат и за тоа колку добро се
усогласуваат со вредностите и етосот на клубот, вклучувајќи ја и нивната
способност да се справат со притисокот од играње за престижен клуб.
Со
други зборови, еден од клучните елелемнти на успехот на Реал Мадрид според
аналитичарите е токму кадровската политика.
Таа е
сеопфатна, фокусирајќи се на балансирање на непосредните потреби за перформанси
со долгорочни развојни цели, обезбедувајќи клубот да остане конкурентен на
највисоките нивоа.
Ајде да замислиме дека државната структура на Македонија
е еден голем фудбалски клуб. Раководството на тој фудбалски клуб треба да има
визија, стратегија, методологија на работа кои ќе обезбедат континуиран
напредок.
Како функционира Македонија?
Наместо највисоки стандарди, во Македонија се
нудат партиски стандарди.
Наместо вработување на стручњаци и експерти, се
вработуваат лепачи на плакати, полуписмени партиски војници, неписмена толпа од
роднини, пријатели и комшии.
Наместо култура на иновации се негува култура
на традиционални вредности и опсесија со минатото.
Наместо научни лабаратории за податоци врз
осниова на кои ќе се носат информирани одлуки, се градат цркви, џамии, крстови,
споменици, спомен обележја и бисти.
Наместо искористување на академскат,а заедница,
таа се уништува и се претвора во слуга на партиите.
Наместо исчекорување од калта на национализм,
раководството на клубот Македонија ги закопува сите до грло во фекалиите на
етнозависноста.
Наместо развивање нови играчи кои ќе бидат
соодветно обучени се обликуваат партиски марионети и партиски зависници без
никакви квалитети и способности.
Наместо постепено напредување на скалилата на
развојот и поставување на раководни позиции на најуспешните и најсоодветните,
се форсираат потполни аналфабети кои немаат појма ни каде се, ни што треба да
прават, ни што им е работата, меѓутоа многу посветено ги мијат нозете на
партиските газди.
Секоја будала собрана од улица добива шанса да
си игра со општествениот имот, судбината на граѓаните и иднината на државата.
Наместо искористување на целокупниот
интелектуален потенцијал на државата, ловење на таленти, регрутирање на луѓе
кои знаат и умеат, во клубот Македонија играат најнеспособните и
најбесперспективните играчи чиј
единствен тренинг е седењето на партиски состаноци, единствена вештина е
лепењето плакати и единствено знаење е словото на партискиот вожд.
Под флоскулата, ајде да им дадеме шанса можеби
ќе не изненадат, маалските играчи кои шутираат полуиздишана топка на некоја
ледина, ги пуштаме да играат на светски натпревар со екипи составени од врвни
играчи, селекции направени врз основа на јасни критериуми и вредности, со
искуство стекнато во постепениот развој и напредување.
И како очекуваме било каков резултат од тимот
кој го предводиЗаев, или Ковачевски или Мицковски или Груевски, кои што немаат
интелектуален капацитет да ја разберат суштината на играта и врз основа на тоа
да изградат тим кој ќе може да игра во првата лига.
Кои се играчите со кои ние настапуваме на
светските натпревари?
Африм Гаши,
(ситен хоштаплер спакуван во националистички целофан) треба да го води
Собранието во подготовката на целокупната стратегија за влез во ЕУ? Орхан
Муртезани (со искуството стекнато во МЕПСО, Македонски железници, ОКИ транс) да
го води нападот? Тимчо Муцунски (на почеток на кариера со искуство на општински градоначалник) да
биде главен голгетер? Александар Николовски (кој без ден искуство влета во
првиот тим на бранот на етно национализмот) и кој трча по теренот како мува без
глава обидувајќи се во исто време да биде играч за врска, одбранбен играч,
голгетер и голман?
Или претходниот состав на чело со Заев и потоа
Ковачевски (едниот со капацитет за општинска фудбалска лига, а вториот со
капацитет за шутирање на мали голчиња на улица Никола Тримпаре) кои како главни
играчи ги истурија Бујар Османи (познат по лажирање на сите натпревари на
Македонија) и Бојан Маричиќ (кој во животот не видел фудбалска топка, ама од
малечок сакал да носи нечиј дрес).
Или сите претходни раководства на тимот
Македонија кои непогрешливо составуваа тим од луѓе кои појма немаат од фудбал,
кои ги бираа играчите според нивото на неспособност, или, дури и ако по некоја
случајност во тимот внесеа некој добар играч, го ставаа на најнесоодветното
место или го држеа на клупа за зор заман.
Наместо анализи, собирање податоци, истражувања, процени,
антиципации и долгорочна стратегија, раководствата на клубот Македонија штанцаат
30 закони и 15 стратегии дневно, измислуваат млака вода и тркало како последен дострел на
иновацијата и посветено работат на уништување на било каква трага на континуитет
во работењето.
Со вакви раководства клубот Македонија нема
шанси да игра ни во општинска лига, а камо ли да се пласира во првата лига
наречена Европска Унија.
Ајде да пробаме да учиме од успешните.
Ајде наместо полуписмена кецарошка багра како
до сега, за промена да поставиме на чело на нашиот клуб Македонија луѓе кои ќе
изградат нови играчи, ќе го искористат талентот кој веќе постои во Македонија,
ќе постават стандарди кои водат напред, ќе ги искористат научните капацитети на
државата, и ќе ги дефинираат приоритетите на начин кој овозможува игра на ниво,
а не трчање по крпена топка на некоја ледина.
Замислете, клубот Македонија да функционира
како клубот Реал Мадрид?
No comments:
Post a Comment