Не ја прифаќам поделбата на луѓето на победници и лузери
Една од најнегативните
работи која според мене ја промовира капитализмот посебно во современата
варијанта од неговото постоење е градењето на специфичен систем од вредности
кои луѓето ги дефинираат како успешни или неуспешни. И поврзано со тоа, постојаната
трка за постигнување на вака дефинираната категорија на успешност. Трка во која
луѓето се втурнати уште од најмала возраст.
Од памет ме вади поделбата
на победници и лузери.
Најдобра песма, најдобар
филм, најдобар спортист, најдобар ученик, најдобар научник, најдобар новинар.
Ама што определува дали си
најдобар?
За мене најдобрата песма
воопшто не е мојата омилена песма. Ниту најдобриот филм, или писател или ...
И не мора да има трајна трага. Може да биде само момент на создадена убавина и среќа.
Или порака испратена на најубав можен начин.
Успехот во капитализмот се
врти околу финансиското богатство. Преку приходи, инвестиции, средства, итн.
Ова обично се постигнува со некој вид на кариера или претприемачки потфат.
Обично во форма на качување по корпоративна скала или започнување сопствен
бизнис. Финансискиот успех обично доаѓа со општествено признание или статус за
нечии достигнувања. Овој статус или класа, му овозможува на поединецот да акумулира
материјални добра, да остварува лична автономија и да добие пристап до искуства
што многумина никогаш нема да ги добијат.
Постигнувањето финансиски
успех се промовира како остварливо, ако само работите доволно напорно, кога
всушност, околу 50% од бизнисите пропаѓаат во рок од 5 години, а шансите за
искачување на корпоративна скала се исклучително мали. Тие шанси се за малкумина
среќни кои имаат…
Според овие параметри,
успешен си ако имаш пари, ако имаш статус во општетсвото, ако си познат, ако
имаш моќ, ако добиваш лајкови на социјалните мрежи. Ако се облекуваш од точно
одредени продавници и конкретни марки на облека. Или ако одиш на посебни места
за одмор, забави, собиранки, ...
Успешен си ако ги имаш
сите петки (по секоја цена), ако завршиш факултет (по секоја цена), ако добиеш
висока функција (по секоја цена), ако направиш бизнис (по секоја цена), ако се
дружиш со конкретни луѓе (по секоја цена).
Постојана трка, стрес,
фрустрации, притисок.
Вреднување на луѓето
според параметрите кои ги наметнува едно многу нездраво општетсво.
Детето мора да оди и на
спорт (и тогаш кога не го привлекува баш ниту една спортска активност), и на
музичко (иако не ужива во тоа), и на курсеви барем за два јазика (иако тоа му е
мачно), и на фенси камп (каде што е несреќно). и на роденденски забави на деца
со кои не сака да се дружи.
Ни минута слободно време.
Не смее да се досадува и да безделничи. Не смее да направи свој избор.
И мора да ги има сите
петки. По се. И секогаш. Да биде најдобар ученик. Стана срамно да се има
четворка, тројка па и двојка по некој предмет.
И мора на факултет.
Таткото или мајката бил
лекар, мора и детето. Бил архитект, мора и детето, Бил правник, мора и детето.
Затоа што тоа значи успех.
По секоја цена. Со
најголеми жртви.
Јас имам голем проблем со
ова. Не само заради тоа што според овие параметри како успешни треба да ги
сметам Груевски и Мицковски и Али Ахмети и Артан Груби и секоја будала која
успеала да се искачи по статусните скалила.
Величењето на успешноста
ми е сосема спротивно со идеите на концептот за човекови права.
Во меѓународните документи
за човековите права не се спомнува успешноста како услов за повеќе права, за
поинаков третман, за цел на постоењето на човекот, за вреднување на човекот.
Она што произлегува од
овие документи е една сосема друга цел: секое човечко суштество да добие шанса
да го достигне максимумот на својот сопствен потенцијал. И достоинството на
човекот. И правото на избор. И правото на слобода.
Постојаниот натпревар во
кој ги втурнуваме децата од најрана возраст и нивното насочување кон
достигнување одредени позиции кои се сметаат за статусно престижни многу лесно
може да ја уништи среќата и задоволството од животот и креативноста (која
воопшто не мора да биде валоризирана за да му причинува некому задоволство и да
придонесува за подигање на општото ниво на создадена убавина на светот).
Денешните луѓе сега
ја носат менталната тежина на обидот да го постигнат секој наметнат идеал (вооднесувањето, во изгледот, во постигнувањата, во
статусот). Со поголема изложеност на „успехот“ на другите и помалку
вештини за справување со неуспехот од
генерациите израснати низ тешкотии, луѓето сè повеќе стануваат жртва на напади на анксиозност и депресија кои
не се само хронични, туку и исцрпувачки.
Оваа влијае на
менталното здравје на многу луѓе кои
чувствуваат дека едвај ја држат главата над вода. Наместо да научат да живеат тие ја насочуваат својата енергија на тоа
да не пропаднат. Да не бидат прогласени за
лузери.
Животот се претвора во
постојана трка. Во која може да има само неколку победници и огромен број
губитници.
Во таа трка не се вреднува
добрината, ниту лојалноста, или визионерството, или пријатното друштво,
помагањето, забавноста, љубезноста. Не се вреднува едностаната убавина на
живеењето.
Кога сите останати
вредности ќе бидат поклопени од идејата за успешност во дефиницијата која ја
дава современиот капитализам потпомогнат од широките можности на информатичката
поврзаност, тие постепено почнуваат да атрофираат. Да исчезнуваат.
Филмот на Чарли Чаплин модерни времиња изгледа анахроно и далечно од денешниот
живот. Меѓутоа симболиката на бесмисленоста на извршувањето на она што во
моментот се перципира и наметнува како добро извршена работа, како успех е
тука.
Еве и нашата министерка за
образование ни промовира образование по мерка на бизнисот. Не по мерка на човекот. По мерка на бизнисот. Во служба
на бизнисот. За развој на бизнисот.
После политика и држава по
мерка на бизнисот сега ќе имаме и образование по мерка на бизнисот. Затоа што
наместо да се промовира креативноста и развојот на секоја индивидуа и слободата
и изборот кој не е условен од елементарна егзистенција, се промовира зависноста
од бизнисот и мерењето на успешноста зависно од тоа колку е некој добар за
бизнисот.
Во случајот на Македонија
социјалниот притисок да се биде успешен добива и една нова димензија. Тој се
претвора во корумпирање на образованието, во изигрување на мерит системот при
вработување и кариерно напредување, поставување министри приправници, членови
на управни одбори кои појма немаат од областа која треба да ја управуваат,
советници кои немаат никакво искуство.
Веќе не е важно што
навистина правиш, туку како те оценува заедницата (во дадениот момент, низ
призмата на моменталните поставени вредности, каков си во перцепцијата на
мнозинството). И да. Доаѓаме до заклучок дека системот е речиси дизајниран да
произведува анксиозност и депресија кај луѓето. И многу откажувања само да се
постигне она што некој друг го дефинирал како успех.
За мене, успех е да
извршиш позитивно влијание. Да направиш некого среќен, да го направиш
опкружувањето поубаво за живеење за поголем број луѓе, да создадеш услови
поголем број луѓе да можат да живеат
убав и достоинствен живот.
Успех е да бидеш среќен.
Без споредување со среќата на другиот. Едноставно среќен затоа што нешто тебе
ти е убаво не затоа што другите мислат дека нешто е убаво или нешто треба да те
направи среќен. Среќен затоа што си насадил грмушка, затоа што си нацртал
цртеж, си направил драма, си напишал песма, си поправил хидрофор, си направил
туршија, си извозел низ прекрасен предел, си се спуштил на скии по планинскиот
срт, си се искачил на планина, си нашол прекрасна печурка под некое дрво, ...
Не затоа што некој те вреднува или го вреднува она што си
го направил.
И да можеш да бидеш
слободен. Слободен да ги правиш сопствените избори. Слободен да го употребиш
времето на начин на кој ти самиот сакаш.
За мене еден од најуспешните луѓе кои ги познавам е мојата почината другарка Марија Станкова.
Не беше богата. Немаше некој посебен статус. Не беше мажена ниту пак имаше деца. Беше поетеса со огромен број прекрасни песни и една издадена книга (Тие и ние). За мене беше поим за успешен човек. Затоа што твореше независно од тоа дали некој тоа ќе го чита или не само затоа што тоа ја правеше среќна. Затоа што со својата добрина и со своите песни го правеше светот поубаво место за живеење. Можеби еден ден некој ќе ги открие нејзините необјавени песни. И ќе ги објави. И луѓето тогаш ќе кажат колку успешна била. А можеби и не. Тоа не ја намалува нејзината успешност.
Животот не е трка во која
треба да победиме туку прошетка низ маѓепсана шума во која треба да ги откриеме
скриените волшепства. И секој човек треба да добие шанса да го изоди својот
најубав пат низ волшебната шума.
Светот нема да биде
поубаво место за живеење ако се зголеми бројот на успешни луѓе според
стандардите кои денес го определуваат успехот. Светот ќе биде поубаво место за
живеење со повеќе Марии Станкови.
Сонцето во твојата куќа
И мојата ја топли, ја осветлува
Затоа не чуди се што секој твој роденден
Како свој го чествувам
Го обележувам
Некогаш со омилените песни на тишината
А некогаш со ѕвездена трпеза
На која редовно
Почесни гости се есенските виножита
Месечината и Северната ѕвезда
No comments:
Post a Comment