Зошто бегаат младите од Македонија?
Македонија годишно губи по
12.000 жители
1. Зошто ја напуштаат државата толку млади па и постари?
Нормална мобилност.
Економски причини - вработување
Повисок стандард и услови
за живеење.
Правна несигурност
2. Што значи правна несигурност?
- брзо менување на
законите, без процедури, без јасни објаснувања и без прифатлива причина
- Нееднакво важење на
законите за различни луѓе – привилегии за функционерите
- нееднаква примена на
законите за ист случај од различни институции па дури и од исти институции –
тужби за плаќање на исклучени од парно
- прогласување со
леснотија на ненадлежност без упатување на надлежниот
Со други зборови, никогаш
не ги знаеш последиците од сопствените акции и акциите на другите.
3. Составен дел од правната несигурност е недовербата на
граѓаните во институциите
Повеќе пати повторувам
дека институциите вредат толку колку што вредат луѓето во нив
Што значи тоа?
- Може да имаме најдобри закони и најдобро замислена
структура и организација на институциите, меѓутоа со несоодветни кадри во нив
тие едноставно се нула
4. Се почнува со глупи назначувања на раководни кадри
- Директор на инспекторат
за животна средина е некоја Ивана Гиновска која на ова место доаѓа како кадар
на ЗНАМ не затоа што од ЗНАМ може да се очекува да даде најдобар кадар во оваа
област туку затоа што така му се паднало во поделбата на државниот колач.
Што можат да очекуваат
граѓаните, каква доверба да имаат во партиски назначен кадар кој очигледно нема
врска со животната средина и знае дека нема појма од материјата и само глуми
директор на инспекторат а всушност е извршител на партиски наредби.
Доколку биде поднесена на
пример пријава против лице блиско до власта што можат да очекуваат граѓаните?
Која е нивната правна
сигурност
- Директор на Затвор кој
одлежувал казна затвор во истиот тој затвор
За Ибрахим Ељези, кој
именуван за в.д. заменик на директорот на КПД Идризово со отворено одделение во
Велес, се појавија документи кои сведочат дека бил осуден и лежел 4 години
затвор во Идризово, отворено одделение Велес за неовластено производство и пуштање
во промет на дрога.
Емил Јанески директор на
затворот во Прилеп, член на ЗНАМ во 2020 година бил директор на ЈКП „Водовод и
канализација“ – Прилеп и против него СВР Битола поднесе КРИВИЧНА пријава за
„несовесно работење во службата“ и предизвикување штета врз буџетот од
препријатието во висина од 2.3 милиони денари.
Новиот в.д директор на КПУ
затвор Струмица, Зоран Ристов барал мито од осуденици, за што постои и видео
снимка од сведоштво на еден осуденик. Настанот е пријавен во МВР и веќе има
активна постапка во ОЈО, но нема пресуда за настанот
За некои едноставно нема
информации.
На пример за директорот на
државен градежен инспекторат – Зухејр Реџепи знаеме дека бил директор на
паркови и зеленило на град Скопје, дека се повлекол од функцијата во мај 2023
заради здравствени предизвици (кои очигледно во меѓувреме ги надминал) и е познат
и по тоа што е син на поранешниот поглавар на ИВЗ, Сулејман Реџепи. Никаде нема
биографија (ни на страната на инспекторатот со кој сега раководи).
Во некои медиуми на
албански јазик може да се прочита дека е успешен заменик директор и предавач (педагогија
и психологија) во медресата Иса Беи во Кондово. Ова изгледа го прави стручњак
кој може да го раководи државниот инспекторат за градежништво и урбанизам.
Пред него бил некој си Фатмир
Арифи од ДУИ кој завршил со кривична пријава од Комисијата за заштита од
корупција.
Ова не е нешто ново.
Не.
Ова е нешто што одново и
одново се случува во Македонија од осамостојувањето до денес.
Постојана, систематска
ерозија на институциите. Нивно потполно дезавуирање со несоодветен кадар кој ги
претвора во нефункционални трошачи на пари.
Еве на пример Народниот
правобранител Иџет Мемети.
Специјален јавен обвинител
Катица Јанева
Или,
На денешната седница на
Советот на јавни обвинители во Вишото јавно обвинителство унапредени се
обвинителката, Наташа Гоџоска, сестра на поранешниот министер за правда, Никола
Тупанчески, која се откажа од случајот со малата Тамара Димовска, која почина чекајќи
лекување во Турција и поранешниот колега на Ристоска и Лапе од СЈО, Артан Ајро.
Ова е второ унапредување
за Артан Ајро, кој прво беше избран за обвинител во Обвинителството за гонење
на организиран криминал и корупција, а сега оди во скопското Вишо
обвинителство.
Ајро е еден од
обвинителите против кои поранешниот народен правобранител, Фехми Стафа поднесе
кривична пријава за конфискацијата на имотот на „Трансмет“, предмет против
бизнисменот Сеад Кочан од кого од буџетот требаше да се вратат 17 милиони евра,
но не се врати ни денар.
Најновото но не и
последно, за членови на Советот за граѓански надзор над прислушувањето се
избрани познати и признати членови на владејачките партии (Илче Димовски –
секретар на општински комитет на ВМРО, Мирче Стојков-претседател на општински
комитет на ВМРО, Стојанче Рибарев-разрешен од функцијата врховен судија заради
злоупотреба на функцијата, Никола Затуровски-член на извршен комитет на ВМРО,
Благоја Стојановски-пратеник од ВМРО, Нафис Ќазимоски- нема никакви траги од
неговата активност во невладиниот сектор, и Катерина Крстевска-Унија на жени на
ВМРО).
И, како да имаат доверба во институциите
граѓаните?
Она што ме интересира е и зошто
некој без квалификации би прифатил вакво место?
И на крајот повторно доаѓаме до правила, процедури и критериуми.
Ако има правила, процедури
и критериуми суштински поврзани со работата која се извршува нема да може
експерт за маркетинг да биде директор на инспекторат за животна средина.
Нема да може поранешен
осуденик да биде директор на затвор.
Нема да може предавач во
медреса да биде директор на државен инспекторат за градежништво и урбанизам.
Нема да може кецарошката
од Гевгелија да биде специјален јавен обвинител.
Непостоењето на правила,
процедури и критериуми води
кон непрофесионалност, неодговорност и неказнивост.
И до правна несигурност.
До недоверба во
институциите.
До иселување на младите.
Секоја последица има
причина.
Овде е ептен очигледна.
Значи, не е работата да се
плука поединечно секој лош кадровски избор (за министер, градоначалник, член на
управен одбор, директор, ректор, ...),
туку да се инсистира на градење на систем од правила, процедури и критериуми
кои ќе направат сито низ кое не може да поминат несоодветни кадровски решенија.
Партиите одбиваат да
изградат осмислени и трајни системи од правила, процедури и критериуми (од Киро
наш па наваму), со цел користење на власта за наградување (на партиски војници,
бизнис партнери, луѓе кои можат да ги уценуваат или кои можат во иднина да се
појават како корисни), за манифестирање моќ (што има по благодарно и поспремно
да те брани од напади од човечето кое незаслужено добило одредена позиција),
или пак, за едноставно создавање хаос во кој луѓето се истрошуваат во меѓусебни
чарки додека некој ги шмука нивните пари.
Партијата која ќе настапи
на иzбори со веќе осмислен систем од правила процедури и критериуми и со веќе
изграден систем од контролни механизми кои ќе можат да го заштитат ваквиот
систем, е партијата за која со голема веројатност можеме да тврдиме дека сака
промена.
Наша задача е да
поттикнеме создавање на партиски гарнитури кои се подготвени да го срушат
деспотскиот систем и да овозможат пробив на граѓанскиот модел.
No comments:
Post a Comment