Sunday, December 22, 2024

 



Што е глупо во Македонија и зошто ова што ни се случува може да го подведеме под петте закони на глупоста

Македонија е полна со глупи луѓе.

Најглупите доаѓаат на високи позиции во власта, а оние помалку глупите (ама несомнено глупи) ги носат овие глупиве на највисоките позиции на власт.

1. Глупо е што имавме сосема солидна стартна позиција кога прогласивме самостојност која со секоја власт ја правевме се полоша и полоша.

Македонија ја избегна војната на територијата на СФРЈ и во извештајот на бадентеровата група беше оценета на слично ниво како и Словенија со реален потенцијал за брза изградба на демократските институции и практики.

Доколку на чело на државата имавме политичари со доволен интелектуален капацитет да можат да ги антиципираат политичките случувања барем два потези однапред, кои ќе сакаа да ги разрешат внатрешните тензии базирани на етничката разновидност, кои ќе разбереа што е тоа демократија и владеење на правото и ќе ја заштитеа државата од грабежот на новокомпонираните бизнисмени, многу е голема веројатноста дека Македонија ќе беше членка на ЕУ пред Бугарија и немаше да станеме заложници на големобугарските аспирации.

2. Глупо е што во моментов сме помалку самостојни отколку што бевме кога бевме дел од СФРЈ.

Економски, енергетски и воено, сме потполно зависни од други држави. Ситните џепарошчиња кои ги носиме на власт  за своја лична корист решаваат да распродадат се што може да се продаде од државата, странските инвестиции ги прикажуваат како највисок дострел на домашната економија, а давањето под концесија на природните богатства на државата како позитивен развој.

Странски амбасадори ни кажуваат кого да апсиме а кого не, како да ја направиме територијалната поделба, колку сме боси во дипломатијата, кој смее а кој не смее да биде разрешен од судскиот совет, ...

3. Глупо е што сите добри работи од претходниот систем ги уништивме, а задржавме се што беше лошо.

Го уништивме демократскиот систем на плуралитет, локалната самоуправа, судовите за работни спорови, професионалната администрација, образованието, здравството, земјоделието, ..

Ги задржавме и надградивме: непотизмот, корупцијата, неодговорноста, примитивизмот, незнаењето, ...

4. Глупо е што граѓаните одново и одново веруваат во истите ветувања и лаги на политичките партии и многу се изненадуваат кога политичките партии кои ќе дојдат на власт нема да ги исполнат тие ветувања.

На пример нема ниту една политичка партија која пред да дојде на власт не тврди дека ќе го реформира судството (ќе го направи независно, моќно и столб на владеењето на правото).

Нема ниту една политичка партија која пред да дојде на власт не тврди дека ќе ја професионализира администрацијата (ќе ја направи непартиска, професионална, мала и ефикасна).

Нема ниту една политичка партија која пред да дојде на власт не тврди дека ќе се избори со корупцијата, и дека сите кои се огрешиле од законот ќе бидат соодветно казнети.

Дека ќе ги консултира граѓаните, ќе го подобри животот на граѓаните, ќе го подобри образованието, здравството, заштитата на животната средина.

Ниту една власт во изминатите 30 години не спроведе реформа на судството, не ја професионализира администрацијата, не се бори против корупцијата, не ги прашува граѓаните, не го подобрува животот на граѓаните, не го подобрува образованието и здравството, и издвојува се помалку средства за образование, здравство и заштита на животната средина.

5. Глупо е да дојдеш на власт со тврдење дека знаеш подобро, а потоа да изјавиш дека ти треба волшебно стапче за нешто да промениш.

Секоја партија кога е во опозиција изјавува дека знае точно како брзо и ефикасно да ги реши проблемите на нискиот стандард, лошиот превоз, недостатоците во образованието, пензиите, минималната плата, невработеноста, сообраќајниот хаос, загадениот воздух, јавниот сообраќај, ...

Секоја партија која ќе дојде на власт тврди дека претходните властодржци упропастиле се, украле се, ги испразниле касите и заради тоа не може да се исполни ветувањето.

6. Глупо е кога партиските челници велат дека ги разбрале грешките кои ги направиле претходно и нема да ги повторат.

Ниту една партија дури ни декларативно (на зборови) нема препознаено ниту една конкретна грешка која ја направила во време на своето владеење и следствено не ни може нешто да поправи и одново и одново ги повторува истите грешки.

Ниту една партија не ја препозна најголемата грешка која го уништува ткивото на државата – администрацијата.

Колку треба да си глуп за во една мала држава со ограничени капацитети на професионалци и луѓе со искуство и знаење, штом ќе дојдеш на власт да ги замениш сите раководни кадри во администрацијата?

И колку треба да веруваш дека имаш работа со огромен број глупи граѓани кои без проблем ќе го проголтаат па дури и ќе го одобрат ова па најјавно и без никакво оправдување да ја вршиш оваа замена?

Само како пример, именувањето на нов директор (ве де) Иван Живковски на Агенцијата за катастар на недвижности.

На страната на Владата ова е дадено како една од многуте истоветни промени.

И од владата напишале дека Живковски има магистрирано на тема „Правниот статус на Агенцијата за катастар и недвижности како државен орган“, а има дипломирано на правиот факултет „Јустинијан Прв“ во Скопје. Работи како адвокат. Па уште и во минатото бил и претседател на Студентскиот парламент на УКИМ и има учествувано во повеќе органи на управување.

Меѓутоа нема ни збор зошто се разрешува претходниот директор.

А според законот:

Директорот на Агенцијата може да биде разрешен пред истекот на мандатот во случај ако:

- со својата несовесна и неправилна работа предизвика нарушување во вршењето на работите на Агенцијата и причини штета утврдена во постапка согласно со закон,

- не работи и не постапува според закон, статут и актите на Агенцијата, или неоправдано не ги спроведува одлуките на Управниот одбор, или постапува спротивно со нив,

- е осуден со правосилна судска пресуда за кривично дело на казна затвор подолго од шест месеци,

- му е изречена прекршочна санкција забрана за вршење на професија, дејност или должност на раководно лице во институцијата,

- поради долготрајна тешка болест, која го спречува во извршувањето на обврските,

- ја изгуби деловната способност,

- не достави извештај согласно со членот 15 став (2) од овој закон, односно ако и по истекот на рокот определен во истиот став не ги отстрани недостатоците и/или во тој рок повторно има недостатоци и/или загуби во финансиското работење и

- на негово барање.

И тие кои ги менуваат без мува да ги лази секој ден излегуваат и ни кажуваат дека ќе се борат со корупцијата, партизацијата, владеењето на неправото.

Затоа што ги разбрале сопствените грешки.

7. Глупо е да тврдиш дека си исполнил ветување, а не си го направил тоа.

На пример, ако си ветил зголемување на даноците, не може да сметаш дека си го исполнил ветувањето ако тоа го одложиш на неодреден рок.

Или, ако си ветил дека ќе ги покачиш пензиите за 5000 денари, па ги покаќиш за 2500 денари со ветување дека уште 2500 ќе бидат исплатени по 6 месеци, значи дека не си ги покачил пензиите за 5000 денари туку за 2500 денари. Ако во исто време го отфрлиш системот на усогласување на пензиите со покачувањето на платите и со зголемувањето на трошоците на живот, тоа значи дека не си ги покачил пензиите ни за денар,

8. Глупо е да тврдиш дека имаш гласачко тело од милион и 800 илјади, а во државата живеат милион и 700 илјади жители.

Според официјалните податоци на Заводот за статистика во Македонија во моментов има милион и 700 илјади жители.

Според Изборната комисија гласачкото тело во Македонија го сочинуваат милион и 800 илјади жители.

9. Глупо е да отвораш фронтови на сите страни.

Актуелната власт отвори фронт со Грција и Бугарија и ЕУ државите и САД без видлива идеа за последиците од ваквото постапување, без алтернатива и без реален материјален и човечки капацитет за позитивно разрешување на ниту една од започнатите битки.

10. Глупо е на раководни позиции да носиш осудени и неосудени криминалци.

Што може граѓаните да очекуваат од власта која за генерален секретар на владата именуваш човек кој е осуден заради злоупотреба на службената должност, а за директор на државните патишта човек кој ја овозможи една од најголемите кражби на државни пари заради која се кренаа граѓаните на долготрајни демонстрации и беше формирано специјално обвинителство, и кога   знаеш дека некој од позиција на власт те краде, а да велиш нека крадат ама со усул.

Исто толку глупо е на раководни позиции да поставуваш  функционери – приправници.

11. Глупо е секоја власт да почнува да гради кров на куќата која нема ни темели.

Секоја партија кога ќе дојде на власт тврди дека поставува темели и носи системски решенија а во исто време руши се добро што направила претходната владејачка структура, а задржува и развива се лошо што направила претходната владејачка структура.

12. Глупо е да се нарекуваш Европски фронт а да постапуваш спротивно на извештаите на ЕУ.

Се додека беа на власт ДУИ (кои себе се нарекуваа проевропска партија) и кога станаа опозиција инсистираат на постоење на балансерот и покрај тоа што во извештаите на ЕУ тој е оценет како негативен институт за воспоставување на владеењето на правото и разво на администрацијата како непристрасна и професионална.

Глупо е кога луѓето кои се иселиле од државата упорно и со огромна жар поддржуваат партии кои се директни учесници во создавањето на условите за живот заради кои се иселиле од државата.

Глупо е да бараш да ти се запосли детето без соодветно образование, а да ја пцуеш администрацијата заради некомпетентност и неефикасност.

Глупо е да си дел од словенското население, со словенски јазик и култура, а да се претставуваш како антички Македонец.

Глупо е премиер да шета со лопата и да положува темел на градинка.

Глупо е некој да направи грешка а цела држава да плаќа за неговата грешка.

Глупо е да изгорат 14 луѓе и никој да не е виновен.

Глупо е да купиш три палми за 700000 евра и како награда да бидеш поставен за директор на јавно претпријатие за државни патишта.

Глупо е претседател на судскиот совет да ти биде стручен соработник.

И ова не е крајот, не е ниту почетокот на огромниот број глупи работи кои ни се случуваат во изминатите 30 години.

И едно време се обидував да најдам рационално објаснување за нерационалните нешта кои секојдневно се случуваат.

Се обидував да објаснувам, аргументирам, да нудам податоци и алтернативни решенија.

И после 43 години истражувачка и професорска работа, 43 години научни трудови, предавања, прирачници, стратегии, планови, закони, се јавува некоја голема бела птица која по морбидна игра на историската неминовност станала министерка, на фејсбук статус ти вели: дајте некоја идеја, направете нешто добро за државата.

Во тој момент единствен спас наоѓам во препрочитување на страшната  книга на Кипола – базични закони на човековата глупост.

И некако се добива логично објаснување.

Прв закон:

Секој секогаш и неизбежно го потценува бројот на глупави луѓе во оптек.

Потребен е навистина голем број луѓе за да се случуваат сите овие глупости.

Втор закон:

Веројатноста дека некоја личност е глупава е независна од која било друга карактеристика на таа личност.

Граѓаните во Македонија може да бидат многу образувани и со големо знаење од одредена област, и добри, и вредни и начитани и ... ама тоа не го менува фактот дека при изборот на тие кои ќе ја предводат државата и ќе управуваат со нивните животи покажуваат неверојатна глупост од епски размери.

Трет закон:

Глупава личност е личност која предизвикува загуби на друго лице или група луѓе кога тој или таа нема корист, па дури и може да претрпи загуби.

Навидум тие кои доаѓаат на власт се во добивка од прекршувањата на законите, меѓутоа, тие го дишат истиот загаден воздух, возат по истите небезбедни патишта, ја јадат истата затруена храна. Нивните деца се иселуваат во странство заради условите на живот кои ги создале нивните родители...

Четврт закон:

Неглупавите луѓе секогаш ја потценуваат деструктивната моќ на глупавите поединци.

Над 30% од гласачите во Македонија велат дека не ги интересира политиката и не ги интересира кој е на власт. Многумина се гордеат со тоа што не гласале за ниту една партија. Многумина мислат дека ако си ја гледаат работата нема да трпат последици од бандата глупаци поставена на високи управувачки функции во државата. И многу грешат. И тоа секојдневно им се удира од глава.

И граѓаните не разбираат што значи тоа кога глупите властодржци ќе ги променат сите раководни кадри во администрацијата и како тоа се одразува на функционирањето на државата и владеењето на правото.

Петти закон:

Глупавиот човек е најопасниот тип на личност.

На глупавиот човек не може да му објасниш, не може да го употребиш и не може да се заштитиш од него.

Никако не може да објасниш зошто не треба да се постави за генерален секретар на Владата осуден криминалец. Не може да   објасниш зошто не смее да има релативна инклузија во образованието. Не може да го употребиш Уставниот суд или канцеларијата на Народниот правобранител. Не може да се заштитиш од законите кои ќе ги донесе, од институциите кои ќе ги направи нефункционални, ниту од срамот на кој ќе те изложи со своето делување.

Понекогаш ми е навистина тешко да објаснам дека топката која ќе ја удриш од ѕид секогаш ќе се одбие.

Ама така е. Научно е докажано.

А може и да ми верувате на жими мајка.

Thursday, December 19, 2024

 

Велат дека фудбалскиот клуб Реал Мадрид е еден од најуспешните ако и не најуспешен фудбалски клуб на сите времиња.



Според освоените трофеи, атрактивниот фудбал, долготрајноста на присуство на фудбалската сцена.

Што го прави Реал Мадрид најголем фудбалски клуб на светот?

Повеќе аналитичари даваат многу аргументирани и релевантни претпоставки од кои би издвоила неколку кои според мене најдобро ја отсликуваат основата на успехот на Реал Мадрид.

Според нив Реал Мадрид  се стреми секогаш да понуди највисоки стандарди за квалитет во сите предизвици со кои се соочува и ја развива вредноста на извонредност преку создавање и негување квалитет, лидерство, конкретни очекувања и талент.

Првиот елемент кој го посочуваат голем дел од аналитичарите  како клучен за успехот на клубот Реал Мадрид е тој дека клубот вработува широк спектар на стручњаци и експерти.

 Клубот почнува да негува култура на иновации.

Оваа култура на иновации кулминира во научна лабораторија за податоци. Во 2015 година е  отворен Глобалниот спортски иновативен центар како трипартидна иницијатива за соработка помеѓу приватни, јавни и академски партнери, и ко-спонзорирана од Реал Мадрид. Преку ваквите соработки и тековните технички инвестиции, клубот можеше да користи аналитика на податоци во сите негови клучни процеси.

Вториот елемент кој го посочуваат аналитичарите е мултикултурност издигната на ниво на универзалност.

 Според нив клубот не се оптеретува со расите, идеологиите, културите, религиите, начините на размислување, местото на потекло или социјалниот статус. Клубот е глобален, мултикултурен, недискриминирачки и аполитичен што го прави мултигенерациски.

Следниот елемент значаен за постигнувањата на Реал Мадрид е сопствената фабрика за обликување на нови играчи. Оваа фабрика претставува еден од основните столбови на клубот. Фабриката има и свој тренерски кадар, задолжен за формирање на млади фудбалери и тим од психолози, нутриционисти и физиотерапевти за да се обезбеди нивниот интегрален развој.

На ова се надоврзува специфичната методологија која според аналитичарите се фокусира на развојот на играчот во три области: техничка, тактичка и физичка. Покрај ова се негува: дисциплина (како облик на одговорно однесување), тимска работа, натпреварувачки дух и скромност.

Тренингот на млади фудбалери во кариерната фабрика на Реал Мадрид е напорен и ригорозен, но и многу комплетен. Играчите поминуваат низ фаза на техничка обука, која се фокусира на развојот на вештините со топка, како и на тактичка фаза, во која тие учат да ја применуваат таа техника во колективната игра. Исто така, се нагласува физичката обука и превенцијата од повреди, за да се осигури дека младите фудбалери се во оптимални услови за да се натпреваруваат на највисоко ниво.

Една од целите на кариерниот расадник на Реал Мадрид е да формира елитни фудбалери за првиот тим. Преминот на младите фудбалери од расадникот во првиот тим е важен и внимателно испланиран процес, кој се одвива градуално. Најдобрите играчи од секоја категорија се избираат да учествуваат на тренинзи и натпревари со главниот тим, за да можат да се прилагодат на ритамот и стилот на игра на првиот тим.

За помладите играчи, клубот може да понуди пробни периоди за да ги процени нивните вештини и приспособливост кон стилот на игра на клубот.

Следење на перформансите: Континуираната евалуација на перформансите на играчите е од клучно значење, и на тренинзите и за време на натпреварите, за да се осигура дека ги исполнуваат стандардите на клубот.

Кариерниот оддел на  Реал Мадрид има широка мрежа на трагачи и заробувачи на таленти, задолжени за откривање на најдобрите млади фудбалери во Шпанија и во странство. Овие скаути бараат не само фудбалски талент, туку и став и посветеност на играчите, бидејќи Реал Мадрид се обидува да тренира елитни играчи, но и целосно обликувани и изградени луѓе.

И се разбира тука се извидниците предводени од Juni Calafat. За да ја прошири својата мрежа и да се увери дека ниту еден иден талент нема да му избега, тој има тим од меѓународни скаути кои му помагаат да прави извештаи и да го одржуваат во тек со ситуацијата на секој играч кој може да биде интересен. Тој, исто така, има бескрајна архива на видеа кои ги користи за првично извидување.

Според аналитичарите Реал Мадрид има една од најдобрите извиднички мрежи - Global Scouts. Тие се распространети ширум светот и ги следат талентите во различни лиги и турнири, вклучително и младински натпревари и меѓународни натпревари.

Дел од идентификувањето на можни идни играчи во Реал Мадрид е и соработката со други клубови за взаемна корист, вклучувајќи можности за извидување и размена на таленти.

Меѓутоа, и ова не било доволно. Покрај разработената фабрика за таленти и мрежа на ловци на таленти, Реал Мадрид создал и аналитички центар. 

Клубот користи напредна аналитика и податоци за перформансите за да ги процени потенцијалните засилувања, да ја процени статистиката на играчите, физичките атрибути и тактичката подготвеност.

 Не е доволно некој играч да биде талентиран и да биде добар тимски играч. Играчите се оценуваат и за тоа колку добро се усогласуваат со вредностите и етосот на клубот, вклучувајќи ја и нивната способност да се справат со притисокот од играње за престижен клуб.

Со други зборови, еден од клучните елелемнти на успехот на Реал Мадрид според аналитичарите е токму кадровската политика.

Таа е сеопфатна, фокусирајќи се на балансирање на непосредните потреби за перформанси со долгорочни развојни цели, обезбедувајќи клубот да остане конкурентен на највисоките нивоа.

 Вака работи успешен клуб. Кој победува.

Ајде да замислиме дека државната структура на Македонија е еден голем фудбалски клуб. Раководството на тој фудбалски клуб треба да има визија, стратегија, методологија на работа кои ќе обезбедат континуиран напредок.

Како функционира Македонија?



Наместо највисоки стандарди, во Македонија се нудат партиски стандарди.

Наместо вработување на стручњаци и експерти, се вработуваат лепачи на плакати, полуписмени партиски војници, неписмена толпа од роднини, пријатели и комшии.

Наместо култура на иновации се негува култура на традиционални вредности и опсесија со минатото.

Наместо научни лабаратории за податоци врз осниова на кои ќе се носат информирани одлуки, се градат цркви, џамии, крстови, споменици, спомен обележја и бисти.

Наместо искористување на академскат,а заедница, таа се уништува и се претвора во слуга на партиите.  

Наместо исчекорување од калта на национализм, раководството на клубот Македонија ги закопува сите до грло во фекалиите на етнозависноста.

Наместо развивање нови играчи кои ќе бидат соодветно обучени се обликуваат партиски марионети и партиски зависници без никакви квалитети и способности.

Наместо постепено напредување на скалилата на развојот и поставување на раководни позиции на најуспешните и најсоодветните, се форсираат потполни аналфабети кои немаат појма ни каде се, ни што треба да прават, ни што им е работата, меѓутоа многу посветено ги мијат нозете на партиските газди.

Секоја будала собрана од улица добива шанса да си игра со општествениот имот, судбината на граѓаните и  иднината на државата.

Наместо искористување на целокупниот интелектуален потенцијал на државата, ловење на таленти, регрутирање на луѓе кои знаат и умеат, во клубот Македонија играат најнеспособните и најбесперспективните играчи чиј  единствен тренинг е седењето на партиски состаноци, единствена вештина е лепењето плакати и единствено знаење е словото на партискиот вожд.

Под флоскулата, ајде да им дадеме шанса можеби ќе не изненадат, маалските играчи кои шутираат полуиздишана топка на некоја ледина, ги пуштаме да играат на светски натпревар со екипи составени од врвни играчи, селекции направени врз основа на јасни критериуми и вредности, со искуство стекнато во постепениот развој и напредување.

И како очекуваме било каков резултат од тимот кој го предводиЗаев, или Ковачевски или Мицковски или Груевски, кои што немаат интелектуален капацитет да ја разберат суштината на играта и врз основа на тоа да изградат тим кој ќе може да игра во првата лига.

Кои се играчите со кои ние настапуваме на светските натпревари?

Африм Гаши,  (ситен хоштаплер спакуван во националистички целофан) треба да го води Собранието во подготовката на целокупната стратегија за влез во ЕУ? Орхан Муртезани (со искуството стекнато во МЕПСО, Македонски железници, ОКИ транс) да го води нападот? Тимчо Муцунски (на почеток на кариера со искуство на општински градоначалник) да биде главен голгетер? Александар Николовски (кој без ден искуство влета во првиот тим на бранот на етно национализмот) и кој трча по теренот како мува без глава обидувајќи се во исто време да биде играч за врска, одбранбен играч, голгетер и голман?

Или претходниот состав на чело со Заев и потоа Ковачевски (едниот со капацитет за општинска фудбалска лига, а вториот со капацитет за шутирање на мали голчиња на улица Никола Тримпаре) кои како главни играчи ги истурија Бујар Османи (познат по лажирање на сите натпревари на Македонија) и Бојан Маричиќ (кој во животот не видел фудбалска топка, ама од малечок сакал да носи нечиј дрес).

Или сите претходни раководства на тимот Македонија кои непогрешливо составуваа тим од луѓе кои појма немаат од фудбал, кои ги бираа играчите според нивото на неспособност, или, дури и ако по некоја случајност во тимот внесеа некој добар играч, го ставаа на најнесоодветното место или го држеа на клупа за зор заман.

Наместо анализи,  собирање податоци, истражувања, процени, антиципации и долгорочна стратегија, раководствата на клубот Македонија штанцаат 30 закони и 15 стратегии дневно, измислуваат  млака вода и тркало како последен дострел на иновацијата и посветено работат на уништување на било каква трага на континуитет во работењето. 

Со вакви раководства клубот Македонија нема шанси да игра ни во општинска лига, а камо ли да се пласира во првата лига наречена Европска Унија.

Ајде да пробаме да учиме од успешните.

Ајде наместо полуписмена кецарошка багра како до сега, за промена да поставиме на чело на нашиот клуб Македонија луѓе кои ќе изградат нови играчи, ќе го искористат талентот кој веќе постои во Македонија, ќе постават стандарди кои водат напред, ќе ги искористат научните капацитети на државата, и ќе ги дефинираат приоритетите на начин кој овозможува игра на ниво, а не трчање по крпена топка на некоја ледина.

Замислете, клубот Македонија да функционира како клубот Реал Мадрид?

Sunday, December 15, 2024

 Ова е текст кој го имам напишано на 18.09.2001 година и објавено во Утрински весник.

За жал голем дел од моите загрижи и негативни предвидувања во однос на Договорот од Охрид се остварија во изминатите 23 гоцини.

Меѓутоа јас сепак мислам дека мораше да биде потпишан.

Тоа што ниту една политичка структура немаше ни минимален интелектуален и морален капаците да исчекори кон граѓанската држава е наш голем проблем. Тогаш и денес.

РАМКОВЕН  ДОГОВОР

Има моменти во кои човек мора да се определи дали е против или е за нешто. Во јавност или само пред себе, преку референдум (по право и пропис, а не по наоѓањето на луѓе кои не нашле за потребно да го прочитаат Уставот и законот), или не, едноставно мора да заземе став и да се изјасни.

Јас се решив, и сметам дека треба да се поддржи Рамковниот договор  потпишан во Охрид. Го поддржувам овој договор, пред се, во име на мирот кој единствено може да обезбеди опстанок на мојата земја и натамошен развој полезен за сите нејзини граѓани.

Сметам дека во оваа и ваква ситуација треба да го подржам овој договор и покрај тоа што е донесен во врска со конфликт за кој граѓаните на Македонија имаа многу малку шанси да се изјаснат и да решаваа. Конфликтот почна, се изведуваше и траеше на начин и како резултат на дејствување на факторите и на субјекти надвор од влијанието на самите граѓани. Никој не ги праша ништо граѓаните кога се  изѕидуваа темелите на конфликтот, не ги праша ниту во моментот кога требаше да се реши на кој начин да се реагира, ниту пак за начинот на завршување на конфликтот. Граѓаните беа тука смао пасивни набљудувачи чија задача беше да се тргаат настрана (случајно да не ги погоди некоја бомба или куршум), да внимаваат да не бидат киднапирани (од било кого), да излегуваат одвреме-навреме на митинзи диригирани одозгора (најчесто со цел оние што се малку подолу да се искачат малку погоре) и да  реагираат емоционално (само пожелно е тоа да биде кратко и контролирано) во моментите кога ќе биде пуштена крв од нивното граѓанско тело.

Не беше дозволено да се одговори на прашањата: Како дојде до конфликт? Дали можеше да биде избегнат? Дали имаше сознанија за тоа дека работата се ближи кон конфликт? Кој е одговорен за тоа што дошло до конфликт? Што било направено за да се спречи конфликтот и неговото разгорување во толку големи размери? Кој ќе одговара заради тоа што дошло до конфликт и уште повеќе, кој ќе одговара за последиците од конфликтот?

На нас граѓаните сега останува молчешкум да го поддржиме. Договорот во име на мирот кој некој друг го наруши и во име на мирот кој некој друг не знаеше да го заштити и во име на мирот кој некој друг го жртвуваше од многу нејасни причини и со крајно нејасна цел. Треба да го поддржиме политичкиот договор донесен во услови на насилство и како резултат на  употреба на сила, во кој експлицитно се истакнува дека ,,целосно и безусловно се отфрла употребата на насилство за остварување на политички цели,, со надеж дека насилниците (кои било да се) ќе бидат чесни и ќе се придржуваат  до овој  договор.

Го поддржувам овој Договор и во име на правната држава и нејзината иднина во оваа земја, во име на владеењето на правото и во име на демократијата. Затоа што ниту правната држава, ниту демократијата немаат шанси да опстанат во услови на оружен конфликт и континуирано насилство.

Го поддржувам овој Договор и покрај тоа што знам дека тој нема никаква врска со правото и со демократијата. Неспорно е дека овој Договор претставува диктат на насилството што претходно го оспорило и негирало секое право, систем, структура и демократска процедура.

Во Договорот се пропагираат и се ветуваат демократија и правна држава со многу сомнителни темели и под многу сомнителни услови. Демократска процедура да, ама ако не ни се допаѓа, тука е планината. Правна држава да, ама ако не е  секогаш во моја корист, ене ја каде е планината. Процедури, критериуми, систем, се да, ама ако не бидам избран немам друг излез освен, в планина.

Го поддржувам овој Договор, меѓутоа, би сакала да потсетам дека правната држава и демократијата не се  само Уставот и законите и структурата и системот и организацијата, туку и нивното прифаќање и почитување, нивното применување во секој случај и секогаш на ист начин, нивното менување во законска и демократска процедура (а не по принципот земи или остави кој се сугерира во точка осум од Рамковниот договор во врска со уставните амандмани). Правото и демократијата се градат и надградуваат постепено, со години, низ заедничката заложба на генерации и генерации од луѓе кои ги почитуваат и употребуваат. Тоа се крајно несовршени зданија во кои се вградени идејата на луѓето за совршенството. Кога насилно ќе се урнат после мораат да се лепат со вакви договори. Ама тоа е само лепенка, крпеница која се гледа оддалеку и која ја ослабува структурата однатре.

Го поддржувам овој Договор во име на човековите права и нивната промоција и заштита. Во име на животот (како базично човеково право), во име на различноста (како  една од основите на концептот на човековите права), во име на можноста за избор и во име на слободата (без кои концептот на човековите права е бесмислен).

Го поддржувам овој Договор и покрај тоа што сум свесна дека во него многу малку се зборува за правата на индивидуата и за нивната заштита од страна на државата и во однос на  државата. Еднаквото присуство во системот (без сигурноста дека станува збор за демократски систем насочен кон промоција и заштита на човековите права и слободи) може да биде и еднаквост во можноста неказнето да се повредуваат правата и слободите на граѓаните, може да биде и поделба на сферите и влијание на олигархиски или криминални структури, може да биде споделување на диктатурата.

Со овој Договор е направен чекор наназад во однос на промоцијата на различноста кога е негирана преамбулата на Уставот во која се спомнуваат сите етницитети кои традиционално живеат на овие простори (и која е единствена преамбула на Устав на светот во која фигурираат Власите и Ромите  како рамноправни ентитети со другите етнички заедници). Со овој Договор е направен чекор наназад во однос на слободата на изборот кога на внатрешно раселените лица не им е дадена шанса самите да решат дали и под кои услови ќе се вратат во домовите од кои не по своја волја (насилно) се иселени. И во овој договор исчезнала индивидуата. Во се.

Го поддржувам Договорот потпишан во Охрид и покрај неговата очигледна контрадикторност и неконзистентност (како она дека не постојат територијални решенија за етничките односи (точка 1,2) наспроти одредбата дека до крајот на 2002 година ќе се усвои ревидиран закон за  општинските граници, земајќи ги предвид резултатите од пописот; или она дека мултиетничкиот карактер на македонското општество мора да се зачува, меѓутоа јазичните права чудно се поврзуваат со етницитетите кои имаат над 20% популација во вкупното население; или она дека сите верски заедници и религиозни групи се еднакви пред законот, само што три од нив заслужуваат поименично да бидат споменати во Уставот; или она дека треба да прекинат непријателствата со тоа што потполно ќе бидат разоружени етничките албански вооружени групи, а не се спомнува ништо за разоружувањето на етнички неалбанските вооружени групи, или ако одиме кон амнестија – тогаш амнестија и за едните и за другите; како и она дека се стимулира граѓанскиот модел, а сите решенија се решенија кои се однесуваат на колективитетите и можат да се остварат единствено ако човек се приклони кон некој од тие колективитети).

Најмногу од се го поддржувам Договорот потпишан во Охрид, затоа што не верувам дека луѓето кои ја држат власта во свои раце во моментов имаат капацитети, сили и знаења за нешто подобро. Меѓутоа, она со што никако не можам да се согласам е да ми бидат украдени 50 години од историјата во кои оваа земја ја градела својата  државност И го достигнала својот најголем економски и културен развој (што отворено и бесрамно се прави во предлогот на новата преамбула на Уставот) и никако не можам да се согласам од човек да станам припадник на заедница и наместо моите човекови права да бидат заштитени правата на заедницата на која морам да и припаѓам (сакала  јас или не). и, навистина не можам да гарантирам дека ќе ги почитувам Уставот и законите донесени врз основа на овој Договор.

 

Friday, December 13, 2024

 

Една од најнегативните работи која според мене ја промовира капитализмот посебно во современата варијанта од неговото постоење е градењето на специфичен систем од вредности кои луѓето ги дефинираат како успешни или неуспешни. И поврзано со тоа, постојаната трка за постигнување на вака дефинираната категорија на успешност. Трка во која луѓето се втурнати уште од најмала возраст.

Од памет ме вади поделбата на победници и лузери.

Најдобра песма, најдобар филм, најдобар спортист, најдобар ученик, најдобар научник, најдобар новинар.

Ама што определува дали си најдобар?

За мене најдобрата песма воопшто не е мојата омилена песма. Ниту најдобриот филм, или писател или ...

И не мора да има трајна трага. Може да биде само момент на создадена убавина и среќа.



Или порака испратена на најубав можен начин.


Успехот во капитализмот се врти околу финансиското богатство. Преку приходи, инвестиции, средства, итн. Ова обично се постигнува со некој вид на кариера или претприемачки потфат. Обично во форма на качување по корпоративна скала или започнување сопствен бизнис. Финансискиот успех обично доаѓа со општествено признание или статус за нечии достигнувања. Овој статус или класа, му овозможува на поединецот да акумулира материјални добра, да остварува лична автономија и да добие пристап до искуства што многумина никогаш нема да ги добијат.

Постигнувањето финансиски успех се промовира како остварливо, ако само работите доволно напорно, кога всушност, околу 50% од бизнисите пропаѓаат во рок од 5 години, а шансите за искачување на корпоративна скала се исклучително мали. Тие шанси се за малкумина среќни кои имаат…

Според овие параметри, успешен си ако имаш пари, ако имаш статус во општетсвото, ако си познат, ако имаш моќ, ако добиваш лајкови на социјалните мрежи. Ако се облекуваш од точно одредени продавници и конкретни марки на облека. Или ако одиш на посебни места за одмор, забави, собиранки, ...

Успешен си ако ги имаш сите петки (по секоја цена), ако завршиш факултет (по секоја цена), ако добиеш висока функција (по секоја цена), ако направиш бизнис (по секоја цена), ако се дружиш со конкретни луѓе (по секоја цена).

Постојана трка, стрес, фрустрации, притисок.

Вреднување на луѓето според параметрите кои ги наметнува едно многу нездраво општетсво.

Детето мора да оди и на спорт (и тогаш кога не го привлекува баш ниту една спортска активност), и на музичко (иако не ужива во тоа), и на курсеви барем за два јазика (иако тоа му е мачно), и на фенси камп (каде што е несреќно). и на роденденски забави на деца со кои не сака да се дружи.

Ни минута слободно време. Не смее да се досадува и да безделничи. Не смее да направи свој избор.

И мора да ги има сите петки. По се. И секогаш. Да биде најдобар ученик. Стана срамно да се има четворка, тројка па и двојка по некој предмет.

И мора на факултет.

Таткото или мајката бил лекар, мора и детето. Бил архитект, мора и детето, Бил правник, мора и детето.

Затоа што тоа значи успех.

По секоја цена. Со најголеми жртви.

Јас имам голем проблем со ова. Не само заради тоа што според овие параметри како успешни треба да ги сметам Груевски и Мицковски и Али Ахмети и Артан Груби и секоја будала која успеала да се искачи по статусните скалила.

Величењето на успешноста ми е сосема спротивно со идеите на концептот за човекови права.

Во меѓународните документи за човековите права не се спомнува успешноста како услов за повеќе права, за поинаков третман, за цел на постоењето на човекот, за вреднување на човекот.

Она што произлегува од овие документи е една сосема друга цел: секое човечко суштество да добие шанса да го достигне максимумот на својот сопствен потенцијал. И достоинството на човекот. И правото на избор. И правото на слобода.

Постојаниот натпревар во кој ги втурнуваме децата од најрана возраст и нивното насочување кон достигнување одредени позиции кои се сметаат за статусно престижни многу лесно може да ја уништи среќата и задоволството од животот и креативноста (која воопшто не мора да биде валоризирана за да му причинува некому задоволство и да придонесува за подигање на општото ниво на создадена убавина на светот).

Денешните луѓе сега ја носат менталната тежина на обидот да го постигнат секој наметнат идеал (вооднесувањето, во изгледот, во постигнувањата, во статусот). Со поголема изложеност на „успехот“ на другите и помалку вештини за справување со неуспехот од генерациите израснати низ тешкотии, луѓето  сè повеќе стануваат жртва на напади на анксиозност и депресија кои не се само хронични, туку и исцрпувачки.  

Оваа влијае на менталното здравје на многу луѓе кои чувствуваат дека едвај ја држат главата над вода. Наместо да научат да живеат тие ја насочуваат својата енергија на тоа да не пропаднат. Да не бидат прогласени за лузери. 

Животот се претвора во постојана трка. Во која може да има само неколку победници и огромен број губитници.

Во таа трка не се вреднува добрината, ниту лојалноста, или визионерството, или пријатното друштво, помагањето, забавноста, љубезноста. Не се вреднува едностаната убавина на живеењето. 

Кога сите останати вредности ќе бидат поклопени од идејата за успешност во дефиницијата која ја дава современиот капитализам потпомогнат од широките можности на информатичката поврзаност, тие постепено почнуваат да атрофираат. Да исчезнуваат.

Филмот на Чарли Чаплин модерни времиња изгледа анахроно и далечно од денешниот живот. Меѓутоа симболиката на бесмисленоста на извршувањето на она што во моментот се перципира и наметнува како добро извршена работа, како успех е тука.



Еве и нашата министерка за образование ни промовира образование по мерка на бизнисот. Не по мерка на човекот. По мерка на бизнисот. Во служба на бизнисот. За развој на бизнисот.

После политика и држава по мерка на бизнисот сега ќе имаме и образование по мерка на бизнисот. Затоа што наместо да се промовира креативноста и развојот на секоја индивидуа и слободата и изборот кој не е условен од елементарна егзистенција, се промовира зависноста од бизнисот и мерењето на успешноста зависно од тоа колку е некој добар за бизнисот.

Во случајот на Македонија социјалниот притисок да се биде успешен добива и една нова димензија. Тој се претвора во корумпирање на образованието, во изигрување на мерит системот при вработување и кариерно напредување, поставување министри приправници, членови на управни одбори кои појма немаат од областа која треба да ја управуваат, советници кои немаат никакво искуство.

Веќе не е важно што навистина правиш, туку како те оценува заедницата (во дадениот момент, низ призмата на моменталните поставени вредности, каков си во перцепцијата на мнозинството). И да. Доаѓаме до заклучок дека системот е речиси дизајниран да произведува анксиозност и депресија кај луѓето. И многу откажувања само да се постигне она што некој друг го дефинирал како успех.

За мене, успех е да извршиш позитивно влијание. Да направиш некого среќен, да го направиш опкружувањето поубаво за живеење за поголем број луѓе, да создадеш услови поголем број луѓе  да можат да живеат убав и достоинствен живот.

Успех е да бидеш среќен. Без споредување со среќата на другиот. Едноставно среќен затоа што нешто тебе ти е убаво не затоа што другите мислат дека нешто е убаво или нешто треба да те направи среќен. Среќен затоа што си насадил грмушка, затоа што си нацртал цртеж, си направил драма, си напишал песма, си поправил хидрофор, си направил туршија, си извозел низ прекрасен предел, си се спуштил на скии по планинскиот срт, си се искачил на планина, си нашол прекрасна печурка под некое дрво, ... Не затоа што некој те вреднува или го вреднува она што си го направил.

И да можеш да бидеш слободен. Слободен да ги правиш сопствените избори. Слободен да го употребиш времето на начин на кој ти самиот сакаш.

За мене еден од најуспешните луѓе кои ги познавам е мојата почината другарка Марија Станкова


Не беше богата. Немаше некој посебен статус. Не беше мажена ниту пак имаше деца. Беше поетеса со огромен број прекрасни песни и една издадена книга (Тие и ние). За мене беше поим за успешен човек. Затоа што твореше независно од тоа дали некој тоа ќе го чита или не само затоа што тоа ја правеше среќна. Затоа што со својата добрина и со своите песни го правеше светот поубаво место за живеење. Можеби еден ден некој ќе ги открие нејзините необјавени песни. И ќе ги објави. И луѓето тогаш ќе кажат колку успешна била. А можеби и не. Тоа не ја намалува нејзината успешност.

Животот не е трка во која треба да победиме туку прошетка низ маѓепсана шума во која треба да ги откриеме скриените волшепства. И секој човек треба да добие шанса да го изоди својот најубав пат низ волшебната шума.

Светот нема да биде поубаво место за живеење ако се зголеми бројот на успешни луѓе според стандардите кои денес го определуваат успехот. Светот ќе биде поубаво место за живеење со повеќе Марии Станкови.

Сонцето во твојата куќа

И мојата ја топли, ја осветлува

Затоа не чуди се што секој твој роденден

Како свој го чествувам

Го обележувам

Некогаш со омилените песни на тишината

А некогаш со ѕвездена трпеза

На која редовно

Почесни гости се есенските виножита

Месечината и Северната ѕвезда

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Saturday, December 7, 2024

 

Македонија годишно губи по 12.000 жители

1.   Зошто ја напуштаат државата толку млади па и постари?

Нормална мобилност.

Економски причини - вработување

Повисок стандард и услови за живеење.

Правна несигурност

2.   Што значи правна несигурност?

- брзо менување на законите, без процедури, без јасни објаснувања и без прифатлива причина

- Нееднакво важење на законите за различни луѓе – привилегии за функционерите

- нееднаква примена на законите за ист случај од различни институции па дури и од исти институции – тужби за плаќање на исклучени од парно

- прогласување со леснотија на ненадлежност без упатување на надлежниот

Со други зборови, никогаш не ги знаеш последиците од сопствените акции и акциите на другите.

3.   Составен дел од правната несигурност е недовербата на граѓаните  во институциите

Повеќе пати повторувам дека институциите вредат толку колку што вредат луѓето во нив

Што значи тоа?

-       Може да имаме најдобри закони и најдобро замислена структура и организација на институциите, меѓутоа со несоодветни кадри во нив тие едноставно се нула

4.   Се почнува со глупи назначувања на раководни кадри

- Директор на инспекторат за животна средина е некоја Ивана Гиновска која на ова место доаѓа како кадар на ЗНАМ не затоа што од ЗНАМ може да се очекува да даде најдобар кадар во оваа област туку затоа што така му се паднало во поделбата на државниот колач.

Што можат да очекуваат граѓаните, каква доверба да имаат во партиски назначен кадар кој очигледно нема врска со животната средина и знае дека нема појма од материјата и само глуми директор на инспекторат а всушност е извршител на партиски наредби.

Доколку биде поднесена на пример пријава против лице блиско до власта што можат да очекуваат граѓаните?

Која е нивната правна сигурност

- Директор на Затвор кој одлежувал казна затвор во истиот тој затвор

За Ибрахим Ељези, кој именуван за в.д. заменик на директорот на КПД Идризово со отворено одделение во Велес, се појавија документи кои сведочат дека бил осуден и лежел 4 години затвор во Идризово, отворено одделение Велес за неовластено производство и пуштање во промет на дрога.

Емил Јанески директор на затворот во Прилеп, член на ЗНАМ во 2020 година бил директор на ЈКП „Водовод и канализација“ – Прилеп и против него СВР Битола поднесе КРИВИЧНА пријава за „несовесно работење во службата“ и предизвикување штета врз буџетот од препријатието во висина од 2.3 милиони денари.

Новиот в.д директор на КПУ затвор Струмица, Зоран Ристов барал мито од осуденици, за што постои и видео снимка од сведоштво на еден осуденик. Настанот е пријавен во МВР и веќе има активна постапка во ОЈО, но нема пресуда за настанот

За некои едноставно нема информации.

На пример за директорот на државен градежен инспекторат – Зухејр Реџепи знаеме дека бил директор на паркови и зеленило на град Скопје, дека се повлекол од функцијата во мај 2023 заради здравствени предизвици (кои очигледно во меѓувреме ги надминал) и е познат и по тоа што е син на поранешниот поглавар на ИВЗ, Сулејман Реџепи. Никаде нема биографија (ни на страната на инспекторатот со кој сега раководи).

Во некои медиуми на албански јазик може да се прочита дека е успешен заменик директор и предавач (педагогија и психологија) во медресата Иса Беи во Кондово. Ова изгледа го прави стручњак кој може да го раководи државниот инспекторат за градежништво и урбанизам.

Пред него бил некој си Фатмир Арифи од ДУИ кој завршил со кривична пријава од Комисијата за заштита од корупција.

Ова не е нешто ново.

Не.

Ова е нешто што одново и одново се случува во Македонија од осамостојувањето до денес.

Постојана, систематска ерозија на институциите. Нивно потполно дезавуирање со несоодветен кадар кој ги претвора во нефункционални трошачи на пари.

Еве на пример Народниот правобранител Иџет Мемети.

Специјален јавен обвинител Катица Јанева

Или,

На денешната седница на Советот на јавни обвинители во Вишото јавно обвинителство унапредени се обвинителката, Наташа Гоџоска, сестра на поранешниот министер за правда, Никола Тупанчески, која се откажа од случајот со малата Тамара Димовска, која почина чекајќи лекување во Турција и поранешниот колега на Ристоска и Лапе од СЈО, Артан Ајро.

Ова е второ унапредување за Артан Ајро, кој прво беше избран за обвинител во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, а сега оди во скопското Вишо обвинителство.

Ајро е еден од обвинителите против кои поранешниот народен правобранител, Фехми Стафа поднесе кривична пријава за конфискацијата на имотот на „Трансмет“, предмет против бизнисменот Сеад Кочан од кого од буџетот требаше да се вратат 17 милиони евра, но не се врати ни денар.

Најновото но не и последно, за членови на Советот за граѓански надзор над прислушувањето се избрани познати и признати членови на владејачките партии (Илче Димовски – секретар на општински комитет на ВМРО, Мирче Стојков-претседател на општински комитет на ВМРО, Стојанче Рибарев-разрешен од функцијата врховен судија заради злоупотреба на функцијата, Никола Затуровски-член на извршен комитет на ВМРО, Благоја Стојановски-пратеник од ВМРО, Нафис Ќазимоски- нема никакви траги од неговата активност во невладиниот сектор, и Катерина Крстевска-Унија на жени на ВМРО).

 И, како да имаат доверба во институциите граѓаните?

Она што ме интересира е и зошто некој без квалификации би прифатил вакво место?

 И на крајот повторно доаѓаме до правила, процедури и критериуми.

Ако има правила, процедури и критериуми суштински поврзани со работата која се извршува нема да може експерт за маркетинг да биде директор на инспекторат за животна средина.

Нема да може поранешен осуденик да биде директор на затвор.

Нема да може предавач во медреса да биде директор на државен инспекторат за градежништво и урбанизам.

Нема да може кецарошката од Гевгелија да биде специјален јавен обвинител.

Непостоењето на правила, процедури и критериуми води кон непрофесионалност, неодговорност и неказнивост.

И до правна несигурност.

До недоверба во институциите.

До иселување на младите.

Секоја последица има причина.

Овде е ептен очигледна.

Значи, не е работата да се плука поединечно секој лош кадровски избор (за министер, градоначалник, член на управен одбор, директор, ректор, ...),  туку да се инсистира на градење на систем од правила, процедури и критериуми кои ќе направат сито низ кое не може да поминат несоодветни кадровски решенија.

Партиите одбиваат да изградат осмислени и трајни системи од правила, процедури и критериуми (од Киро наш па наваму), со цел користење на власта за наградување (на партиски војници, бизнис партнери, луѓе кои можат да ги уценуваат или кои можат во иднина да се појават како корисни), за манифестирање моќ (што има по благодарно и поспремно да те брани од напади од човечето кое незаслужено добило одредена позиција), или пак, за едноставно создавање хаос во кој луѓето се истрошуваат во меѓусебни чарки додека некој ги шмука нивните пари.

Партијата која ќе настапи на иzбори со веќе осмислен систем од правила процедури и критериуми и со веќе изграден систем од контролни механизми кои ќе можат да го заштитат ваквиот систем, е партијата за која со голема веројатност можеме да тврдиме дека сака промена.

Наша задача е да поттикнеме создавање на партиски гарнитури кои се подготвени да го срушат деспотскиот систем и да овозможат пробив на граѓанскиот модел.