Thursday, November 28, 2024

На конкурс за вработување на доктор, не може критериум да биде завршена пилотска школа

Ме прашуваат како може да се промени безизлезот во кој живееме.

Треба и можат да се направат многу нешта.

Ама јас би тргнала од наједноставното и најпрагматичното:

Јас мислам дека постои еден сигурен начин, а тоа се правила, процедури и критериуми.

Како може правилата, процедурите и критериумите да направат промена?

Прво, тие треба да бидат однапред дадени.

Правилата на играта , процедурите и критериумите (во било која област) мора да бидат разбирливи и однапред јавно објавени.

Разбирливо значи дека секој човек со најпросечна интелигенција, без посебен напор може да ги разбере.

За луѓето со интелектуална попреченост мора да има соодветно објаснување кое ќе обезбеди тие да ги разберат и соодветно да ги применуваат.

Јавно објавени не значи да бидат ставени на интернет страната на некое министерство под точка3, поддточка 5, подточка 12 во некој фолдер умешно замаскиран.

Јавно значи да бидат одново и одново промовирани и објаснувани и дадени на најразлични начини со кои би се допрело до што е можно повеќе граѓани.

Тие треба да бидат изработени многу пред да бидат применети и да траат со години (се додека не станат контрапродуктивни).

Не може да се измислуваат нови правила , процедури и критериуми во текот на играта со цел обезбедување бенефиции за едни, а губење на играта за други.

Затоа не смее да се менуваат законите по скратена постапка, по потреба на еден или група луѓе. Не смее да се менуваат урбанистичките планови преку ноќ а да бидат изложени во нивната оригинална форма во јули во период кога голем дел од граѓаните се на одмор.

За секоја промена на правилата треба да има презентации и презентации и објаснувања и можност за поставување прашања и давање одговори и повторно прашања и така додека се не биде јасно.

Второ, правилата процедурите и критериумите треба да   имаат логика и да бидат поврзани со материјата која ја регулираат.

Правилата, процедурите и критериумите обезбедуваат сите да играме иста игра, а не некој да игра фудбал, друг ватерполо, а трет пинг-понг.

За да се постигне тоа тие треба да се недвосмислени и логични, односно да се недвосмислено поврзани со материјата на која се однесуваат,

Само како пример, кога се распишува конкурс за вработување на доктор, не може критериум да биде завршена пилотска школа за управување на спортски авион.

Тоа значи дека некој може да биде супер пилот на спортски авион, ама тоа не го прави соодветен за доктор.

Исто како што завршен факултет за теологија не може да биде критериум за вработување во полиција или завршена средно уметничка школа, не може да биде соодветна за работа во катастар (освен во Македонија се разбира).

Наметнувањето на бесмислени и нелогични правила, процедури и критериуми е секогаш знак дека во опаковката на правила, процедури и критериуми се подметнува несоодветна одлука.

Многу често процедурите се сведуваат на бесмислено изведување ритуали.

Не е работата да постои Собрание во кое 120 луѓе ќе дигаат или нема да дигаат рака, туку да постои место каде што се дискутира, каде што се презентираат алтернативни решенија, каде што се овозможува да допре гласот и мислењето на граѓаните и ќе бидат донесени решенија кои ќе одговараат на интересите на граѓаните.

Процедурите постојат за да се обезбеди ова, а не само како ритуални движења кои ја изгубиле смислата и кои не ги разбираат ни тие кои ги прават.

Процедура – јавна расправа.

Процедура – изложување на детален урбанистички план најмалку 3 месеци.

Процедура – презентација на податоци.

Процедура – прибирање мислења.

Процедура -

Трето, правилата, процедурите и критериумите се применуваат на сите.

Сите играме фудбал, на терен за фудбал, со опрема за фудбал, со голови за фудбал, со судии за фудбал, со топка за фудбал.

Не може некој да игра фудбал а друг да игра рагби.

Не може некој да игра фудбал со топче за голф, или пак со коњи како за поло.

Не може во Уставот да биде предвидено дека религијата е одвоена од државата, а во Собранието да се одржува религиозен обред.

Не може кражбата да биде кривично дело, а функционерите да ги крадат заедничките пари.

Не може за вршење на одредена работа да се бара соодветно искуство, а тој кој раководи да биде човек без никакво искуство.

И казната треба да биде  еднаква. Не иста, туку еднаква.

За кражба на еден денар од страна на функционер во власта мора да следи казна како да украл 100000 денари. Затоа што граѓаните мора да имаат доверба во тој кој што е на власт и затоа што предизвикот да се украде е голем. Затоа казната треба да биде драконска.

Ако сме фатиле функционер да лаже, постои голема веројатност дека не сме го фатиле десет пати пред тоа како лаже. Ако сме фатиле функционер да краде, голема е веројатноста дека не сме го фатиле 10 пати пред тоа како краде и мами и злоупотребува должност и ...

Функционерите треба да бидат депривилегирани во однос на добивањето стипендии за нивните деца, купувањето имот, било која зделка која значи добивка, затоа што се тие однапред привилегирани по својата позиција.

Значи, правилата, процедурите и критериумите за секој кој е на власт мора да бидат десетоструко построги, поригорозни и потесни.

Заклучок

 Правилата, процедурите и критериумите не се измислени за да им го загорчаат животот на луѓето и не смеат да бидат употребени на начин кој им го усложнува животот.

Тие се измислени за да се ограничат тие кои се на власт од самоволие, од злоупотреби, од промоција на сопствените интереси, од изигрување на правото, од бенефиции базирани на позиција, од искористување на посебните знаења и информации.

Во моментот кога е направена промена на Кривичниот законик со која се намалуваат казните за функционерите кои го прекршиле законот (без соодветна процедура), всушност се руши целиот систем на правила, процедури и критериуми.

Во моментот кога Африм Гаши како претседателот на Собранието не одговара за прекршување на правилата и процедурите за работа на Собранието, искористување на личната заштита и користење на службените возила, се руши целиот систем на правила, процедури и критериуми.

Во моментот кога Филипче не одговара за случувањата во модуларната болница кога загинаа 14 луѓе, како министер за здравство во тој момент, се руши целиот систем на правила, процедури и критериуми.

И последното безобразно прекршување на системот на владеење на правото кој едноставно не може да егзистира без постоењето на соодветни правила, процедури и критериуми е иницијативата за промена на Законот за локална самоуправа,

Барањето е толку очигледно и сирово безобразно изигрување на правото што едноставно е незамисливо во било која држава која има намера да гради демократски систем, а камо ли држава која тврди дека 33 години гради ваков систем и која наводно е спремна за влез во ЕУ.

Криминалците, пардон, феудалците, пардон, функционерите во власта си решиле по скратена постапка да го променат законот за локална самоуправа и тоа за еднократна употреба,

Предлагаат таква промена на законот со која општините чии градоначалници беа избрани за пратеници една година ќе ги предводи градоначалник кој не е избран од страна на граѓаните.

Според членот 49 од Законот за локална самоуправа:

Градоначалникот се избира секоја четврта година, на општи, непосредни и слободни избори со тајно гласање во согласност со законот со кој се регулираат локалните избори.

Ова значи дека се предлага измена на закон со која се укинуваат општите, непосредни, слободни и тајни избори.

Спротивно на Уставот, без процедура, надвор од сите правила и се разбира спротивно на критериумите врз основа на кои се регулира управувањето во општините.

Треба да си навистина или правен аналфабета или дрзок криминалец свесен дека во Македонија не живее правото за да излезеш со ваков предлог.

Да повторам, нема владеење на правото ниту демократска држава без правила, процедури и критериуми.

Не ритуали кои имитираат правила, процедури и критериуми, туку суштинска примена на истите.

Една од најсмешните и најтажните приказни е дипломатијата. Без постоење на правилата, процедурите и критериумите, цвеќарки, ветеринари, режисери и приправници стануваат амбасадори.

 Криминалци стануваат директори на затвор,

Осомничени за злоупотреба на должност, шофери на странски амбасади стануваат министри.

Катастарски службеник го предводи министерството за здравство и министерството за образование.

Хирург осомничен за злоупотреба на службената положба како министер за здравство го предводи министерството за надворешни работи.

Стручен соработник во судот станува член и претседател на судскиот совет.

Ситен хоштаплер станува Уставен судија, министер за правда, народен правобранител и член на Совет на јавни обвинители.

Осомничен за воени злосторства станува министер за одбрана.

Кецарошка и ситна хоштаплерка станува Специјален јавен обвинител.

Осуден криминалец станува генерален секретар на Владата.

Само градење на систем од правила, процедури и критериуми кои ќе важат најмалку една деценија и нивно ригидно почитување може Македонија да излезе од смрдената дупка во која е заглавена.

Тоа е моето мислење.

 

 

No comments:

Post a Comment