Wednesday, November 27, 2024

 Ситуацијата е безнадежна но не и сериозна

Се шират гласини (сосема непотврдени) дека Македонија е демократска држава. Јас не верувам во нив. Мислам дека се потполно непотврдени и неосновани.

1.    Демократијата е политички систем во којшто власта припаѓа на мнозинството на народот.

Би напоменала дека народ не е некоја монолитна, хомогена маса, туку збир од граѓани, индивидуи со многу голем број разлики и ограничен број сличности, со голем број различни интереси и потреби а ограничен број заеднички интереси и потреби. Значи демократијата е систем во кој власта припаѓа на мнозинството граѓани во една држава.

Во Македонија ова станува проблем. Имено, партиите формирани врз етничка основа всушност оневозможуваат формирање на вистинско мнозинство граѓани.

Партиите намерно ги делат граѓаните по етничка припадност и на тој начин граѓаните не може да се групираат околу други (вистински или приоритетни) заеднички потреби и интереси. Тие се разбиени и на тој начин се намалува нивната моќ, не само да ги изберат вистинските претставници, туку и понатаму да бараат почитување на демократските вредности.

Едноставно, во моментот кога етничкото ќе стане најважен елемент на партиското групирање, во тој момент граѓаните се откажуваат од демократијата. 

 

2.    Меѓутоа во современото разбирање на демократијата е отидено и чекор понатаму во почитување на многуте различности на луѓето.

Така што она што го сака мнозинството не е доволна или единствена причина тоа нешто да се третира како добро или пак како праведно.

На пример, мнозинството може да го сака патријархалниот модел на живеење, меѓутоа тоа не значи дека е тоа добар или праведен модел на живеење. Или, мнозинството може да биде против еднополовите бракови и тоа воопшто не значи дека забраната на еднополови бракови е добра или праведна.

Ако демократијата ја разбереме само како владеење на мнозинството лесно може да не доведе до лажната сугестија дека “власта не може да биде самоволна се додека се пренесува со демократска постапка – демократски избори. Тоа Бранко Црвенковски ја исфрли флоскулата “Народот е во право и кога греши“ како една од алатките на рушење на демократијата со поставување на народот како параван зад кој може да се протурка се и сешто.

И власта избрана на демократски избори доколку не постојат останатите елементи на современта демократија може да биде автократска.

За да биде политичката власт демократска, не е доволно да има најсоодветен за конкретна држава изборен модел и да се изведат фер и демократски избори на кои граѓаните ќе изберат кој ќе управува со државата во наредниот период. Тоа е sine qua non – услов без кој не се може, меѓутоа не е цел сама по себе, туку само почеток на демократското владеење.

Во Македонија луѓето се истрошуваат со борба за најдобар изборен модел и не успеваат да мрднат чекор понатаму во практикувањето на демократијата.

Всушност, ниту еден изборен модел нема да биде добар се додека политичките партии се дефинирани по етничката линија.

Прво, граѓаните секогаш ќе бидат ограничени во изборот на сопствената етничка група претставена од етнички дефинираната партија.

Второ, после изборите власта нема да се формира како демократска и претставничка, туку како испазарена меѓу етнички дефинираните племиња.

Трето, секогаш може да се извади етничката карта и да се негира легитимитетот на новата власт од некоја етничка група (како што е тоа случајот со ДУИ и Али Ахмети кој измислува   правила кои директно ја рушат демократијата и демократските институции).

Четврто, етничката различност ги поклопува сите останати различности и различни основи за групирање на луѓето а оневозможува перципирање на сите постоечки сличности.

Тоа не е демократија.

 

3.    За да биде демократска политичката власт треба да се остварат неколку елементи:

 

-          Политичката власт е демократска тогаш кога постојат канали низ кои се остварува реално влијание на граѓаните врз носителите на државната власт (како во формулирање на законите така и во градење на политиките).  

Законите треба да произлезат од потребите и интересите на граѓаните и да бидат формулирани на начин кој најмногу одговара на овие потреби и интереси. Тоа може да се направи единствено доколку граѓаните учествуваат во процесот на формулирање на законите.

Демократијата е еден од најспорите, најбавните системи затоа што подразбира консултации со граѓаните, презентирање на законските текстови, прибирање мислења, расправи, коригирање на првичните понуди.

Во Македонија граѓаните немаат појма кога се носи некој закон. Никој не ги прашува дали им треба, како да гласи, што и како да се регулира.

Дури си донесоа и Деловник на Собранието со кој се оневозможени  јавни расправи во Собранието. Најчесто граѓаните не се ни известени а камоли прашани за мислење.

И ова не им беше доволно, па донесоа Деловник со кој им забрануваат дури и на пратениците да дебатираат, да даваат мислења, да разгледуваат, да проценуваат на работните тела на Собранието и на пленарните седници.

Едноставно власта си штанца закони кои треба да ги озаконат интересите на тие кои се на власт.

Вака донесените закони се полни со дупки во кои може да се провре партиското самоволие, потполно се неписмени за да може да се толкуваат на различни начини и потполно се конфузни за граѓаните да не може на никој начин да ги искористат во сопствена полза.

Тоа што некој закон ќе биде ставен на интернет страната ЕНЕР (Електронски национален регистар на прописи на Република Северна Македонија) воопшто не значи дека е направен достапен на граѓаните или дека навистина се очекува нивно инволвирање во содржината.

Многу е интересен привидот на јавни расправи кои ги прават некои државни органи.

На пример, Министерството за информатичко општество и администрација направила ЈАВНА РАСПРАВА ЗА ИЗМЕНИ И ДОПОЛНУВАЊА НА ЗАКОНОТ ЗА ВРАБОТЕНИТЕ ВО ЈАВНИОТ СЕКТОР И ЗАКОНОТ ЗА АДМИНИСТРАТИВНИ СЛУЖБЕНИЦИ.

На официјалната страна на агенцијата за администрација под овој наслов се дадени изјавите на: министер за информатичко општество и администрација, државниот  секретар во Министерството за информатичко општество и администрација,   советник за администрација во министерството и  директорот на Агенцијата за администрација. Она што го кажале другите учесници во јавната расправа е дадено во една реченица: Големиот број на присутни на дискусијата со примери од практичната примена, но и со препораки, придонесоа кон дискусијата, од што понатаму ќе произлезат и законските измени.

Јас не можев да најдам што било дискутирано, кои биле забелешките и предлозите и што од тие предлози и забелешки станало дел од законскиот предлог.

За да им ги замачкаат очите на граѓаните и да создадат привид на демократија, властодржците отвораат расправа таму каде што нема место за расправа.

Во демократското општество се расправа пред да се донесе законот. Откако ќе се донесе законот тој се применува. Се додека не се промени во истата процедура во која е и донесен.

Така Африм Гаши од позиција на претседател на Собранието ни соопшти дека наместо да ја примениме уставната одредба со која се утврдува дека пратеникот не може да има друга функција (како што во моментот имаат Џафери како пратеник и премиер на државата или Илир Демири кој е пратеник и министер за здравство), треба да разговараме за оваа одредба. Како дел од демократската процедура.

Според Африм Гаши, не е важен Уставот, не се важни ни законите. Според него имало пракса во Собранието за неспоивоста на две јавни функции, но и неоставање на вакуум на битните институции.

Всушност Африм Гаши ни вели дека не треба да се почитуваат Уставот и законите туку да се прави она што го правеле другите кои претходно ги прекршиле Уставот и законите. И бидејки веќе има поинакво постапување (односно кршење на Уставот и законите) за него тоа значи дека уставната и законската норма се на исто рамниште со прекршувањето и сега треба да расправаме што треба да се примени.

Со други зборови, ако некој убил и за тоа не бил казнет, сите добиваат по автоматизам право да убиваат затоа што е тоа новата пракса која ги негира и Уставот и законите, или барем за секое убиство треба да отвориме расправа дали воопшто треба да се оди на суд или да се третира како нова пракса.

Ова не е демократија.

-          За да биде демократска политичката власт таа треба да дава начини за ограничување на моќта на тие кои се на кормилото на државата. Тоа значи дека постојат начини да се принуди тој што е на власт да  ја извршува волјата на граѓаните.

Главната алатка на принуда е тој кој што е на власт да ги почитува законите кои ги донесле претставниците на граѓаните.

За граѓаните да имаат вистинска моќ на контрола законите треба да бидат донесени од  орган во кој се остварува влијанието на граѓаните (Собранието), во соодветна процедура (која води сметка за потребите и интересите на граѓаните и овозможува влијание на граѓаните) и да важат еднакво за сите.

Во Македонија органот кој треба да биде составен од претставници на граѓаните (Собранието) е составен од партиски послушници, чија единствена задача е да ја спроведуваат волјата на партиското раководство, нема можност граѓаните да влијаат врз содржината на законите и законите не важат еднакво за сите.

Видовме дека граѓаните немаат начин да влијаат на содржината на законите.

Останува важењето на законите за сите. За да важат законите за сите тие треба да пред се да бидат општи за да покриваат доволно широк простор во кој ќе бидат регулирани различни конкретни потреби, на различни индивидуи, на еднаков начин.

Што се случува во Македонија?

Во желба да се  прилагодат законите на потребите и интересите на тесни групи во власта (едни да добијат привилегии, а други да бидат оставени надвор од заштитата на законот) законите се моделираат до ниво на бесмисол и се брише се што  на  луѓето им е заедничко. Така фактички се оневозможува законите и правилата да важат за сите и на ист начин и да се применуваат на сите луѓе.

Па така имаме:

-          Покрај законите за основно и средно образование посебен Закон за Бирото за развој (кое се занимава со основното и средното образование)

-          Има посебен Закон за ловство и Закон за дивечот и ловство

-          Има посебен закон за платите на јавните обвинители и Закон за платите на судиите,

-          Има Закон за математичко-информатичка гимназија (една)

-          Закон за обука и испит за директор на основно училиште, средно училиште, ученички дом и отворен граѓански универзитет за доживотно учење

Манипулацијата со законите во Македонија добива и посебна димензија.

Имено, властодржците не се задоволуваат со носење закони кои никако не може да се наречат општи и со нееднаква примена на законите за функционерите во власта и граѓаните.

Тие одат чекор понатаму и носат закони со кои се утврдува законска неказнивост за кривичните дела направени од високи функционери во власта (како што е направено со последните промени на Кривичниот законик).

Следен чекор би бил потполно индивидуализирани закони. На пример, Закон за правата и слободите на Кочо Анѓушев. Или Закон за привилегиите на Артан Груби.

Тоа не е демократија.  

-          За да биде демократска политичката власт мора да постои одговорност на владините функционери пред јавноста (односно пред  јавното мислење).

При стапување на функција функционерите се заколнуваат дека ќе бидат одговорни, па дури и во своите настапи ни велат: најодговорно трвдам.

Меѓутоа ова е само една голема фарса  во која ниту еден функционер воопшто не верува затоа што  функционерите не одговараат ниту за прекршувања на законите, ниту за несоодветно работење, ниту пак за пропусти со кои се нанесува огромна штета на сите граѓани на Македонија (се додека се миленичиња на партиското раководство).

Може да се каже дека неодговорноста на високите функционери во власт во Македонија добива епски размери. За неодговорноста може да се испеат песми и епови, да се пишуваат романи и драми.

Неодговорноста на тие кои најодговорно тврдат и кои се заколнуваат на одговорно вршење на службата е врв на  измотавањето со демократијата во Македонија.

 

Еве само неколку примери:

1.    Не чувствувам одговорност за доцнењето на учебниците, вели директорот на бирото за развој на образованието Зеќирија Хасипи

А надлежност на Бирото меѓу другото е:   изработка на концепција за учебник, програма за издавање на учебници и методологија за стручно вреднување на ракописи на учебник и за вреднување на квалитетот на учебник;

Одговорни се рецензенти, печатници, перо клучарот, ама не и министерот

И никој не одговараше

2.    Јас не чувствувам одговорност, и немам намера да поднесам оставка, изјави претседателот на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Игор Тантуровски, по обелоденувањето на скандалот за трошењето во Комисијата,

Ревизорите лажат: за ручеците, патувањата, изнајмувањето станови, патните трошоци

И никој не одговараше

3.    Османи: Ќе поднесев оставка да бев убеден дека има грешка во моето работење

13 лица во министерството кое го управуваше Османи го прекршиле законот, ама Османи нема појма што се случува во министерството со кое управува.

А според членот 13 од Законот за Влада: Министерот самостојно раководи со министерството за кое е избран, го следи и е одговорен за спроведувањето на законите и другите прописи

4.    Џафери: Не чувствувам потреба да се извинам (што навредува, пцуе и понижува службеници вработени во Собранието).

Во Кодексот за етичко однесување на пратениците во членот 3 се вели:

Ама ова не важи за Талат Џафери исто како што не важи Уставот, ниту еден закон, деловникот или било кое правило во оваа држава.


5.    Филипче: Не чувствувам одговорност, од почетокот на кризата работиме професионално

Не беше одговорен за 14 луѓе кои изгореа во болница, ниту за доцнењето на вакцините, ниту за хаосот во време на пандемијата.

6.    Димовски: Го најдовме виновникот, јас не чувствувам одговорност за државјанството за Онишченко

Се разбира, од каде до каде директорот на Агенцијата за национална безбедност да биде одговорен за безбедносен пропуст.

7.     Министерот за внатрешни работи Спасовски: Не чувствувам одговорност за бегството на Мијалков, системот не ни чини

Тој кутриот и нема појма што значи да се биде министер за внатрешни работи и нема појма што значи одговорност па ни вели: За да се чувствува одговорност значи дека треба да направите намерен пропуст или да не постапите по насоките кои се дадени. Навистина мора да внимаваме во иднина на место на министер за внатрешни работи сепак да дојде човек со полна деловна способност.

8.    Министерот за култура Хусни Исмаили не чувствува одговорност за настанот во МНТ (се сеќавате тоа е оној случај кога е демолиран Македонскиот народен театар од страна на примитивци организирани од државниот секретар за култура Валмир Азири и пратеникот Артан Груби)

9.    Директорот на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување Шаип Зенели: Не чувствувам лична одговорност затоа што 19 милиони евра од фондот биле ненаменски трошени.

10.          Министерот за образование Арбер Адеми не чувствува одговорност, што два пати по ред не е доделена наградата „Гоце Делечев“

11.          Никола Димитров ни соопшти  дека не се повлекува од позицијата заменик претседател на Владата задолжен за европски прашања  затоа што чувствува одговорност  

12.          Претседателот Ѓорѓе Иванов не се чувствува одговорен за ситуацијата во која се наоѓа Македонија  

13.          Премиерот Димитар Ковачевски, не чувствува одговорност за состојбата со владеење на правото во државата и не упати да ги прашаме тие што се одговорни за владеење на правото.

И покрај тоа што не се чувствуваат одговорни за областа со која раководат, многу од функционерите ја употребуваат фразата: најодговорно тврдам.

Леснотијата со која се употребува оваа фраза е право пропорционална со отсуството на механизми за вистинска одговорност на функционерите.

1.    Еве претседателот на Управниот суд Бурим Сејдини ни соопштува: најодговорно тврдам дека во Управниот суд немало, нема и нема да има рачна распределба на судски предмети. Ова го тврди откако  вработените во Управниот суд поднесле кривична пријава против него поради сомнение за злоупотреба на службената положба, дознава Телма. Според документите до кои дојдовме, причинетата штета на државниот буџет би можела да достигне и милиони евра.

2.    Пратеникот Дарко Кевски “Најодговорно тврдам дека го немам прекршено законот” и ги отфрла обвинувањата за финансирање на спортски клубови и федерации преку ваучерски систем.

3.    Најодговорно тврдам дека македонско-бугарско историска Комисија не е под политички притисок. Јас сум тука да им помогнам за логистичките услови, но не сакам да навлегувам во нивните теми, за да не се создаде впечаток дека ние влијаеме врз нив, посочи министерот за надворешни работи Бујар Османи. Меѓутоа  Протоколот меѓу Македонија и Бугарија  со кој фактички се врши притисок врз Комисијата е потпишан токму од Бујар Османи.  

4.    Раководителот на Секторот за шумарство и ловство на МЗШВ, Саша Јовановиќ и директорот на ЈП „Национални шуми“ Валентин Груевски.Најодговорно ги отфрламе изнесените дезинформации и полувистини во врска со извозот на огревно дрво. Од кажаното сепак се гледа дека огревно дрво е извезено.

5.    Претседателот на Регулаторна комисија за енергетика, Марко Бислимовски ни соопшти: Најодговорно тврдам дека тие што ќе одат во трет блок ќе имаат помали сметки од претходно, ќе дојдат сметките, граѓаните ќе видат. Ама сметките се зголемија. Па така дојдовме до ситуација сметката за потрошена струја да биде илјада денари – сметка за плаќање 2.500 денари

Да сумираме

 

Или, што би рекол мојот омилен писател на научна фантастика Даглас Адамс: ситуацијата е безнадежна но не и сериозна.

 

  

No comments:

Post a Comment