СПОРЕД МЕНЕ ГЛУПОСТА Е НАЈОПАСНО НЕШТО НА СВЕТОТ
Имам пријателка (психолог)
која упорно ме убедува дека нема глупи луѓе туку глупи дејствија, постапки,
ставови.
Јас сепак повеќе клонам
кон анализата на Карло Кипола и неговите пет закони на човековата глупост.
Споре Кипола има глупи и
неглупи луѓе како што има мажи и жени, црвенокоси и темнокоси, високи и ниски.
Тоа не значи дека глупите
луѓе треба да се обележат со данга или да се исклучат од заедницата.
Она што јас мислам е дека
тие можат да бидат многу корисен елемент на општетсвениот живот само ако
станеме свесни за нив и успееме да ги поставиме во одредена општетсвена рамка
во која ќе функционираат без да нанесуваат штета себе си и на другите.
1. Прв закон:
СЕКОЈ СЕКОГАШ И НЕИЗБЕЖНО
ГО ПОТЦЕНУВА БРОЈОТ НА ГЛУПАВИ ИНДИВИДУИ ВО ОПТЕК.
Кога ќе погледнеме што се
случува во Македонија, кој доаѓа на власт, како државата тоне во мрак, не е
необично да се дојде до заклучок дека во државата мора да живеат многу голем
број глупи луѓе. Мешутоа секоја претпоставка за нивниот број вообичаено е многу
пониска од реалната ситуација.
Што се случува во
реалноста?
Луѓе кои во одреден
момент, во одредени ситуации сме ги оцениле како рационални и интелигентни
одедна излегува дека се бесрамно глупи.
Еве на пример ситуацијата
со антиваксерството.
Во државата хара голема
кашлица и сипаници па се појавуваат и случаи на туберкулоза после 100 години
откако биле развиени вакцини против овие болести.
Сите податоци зборуваат
дека откако започнала широка вакцинација
достапна за сите, човештвото веќе не познава епидемии од кои умираат илјадници од овие
болести. Според процените со вакцините против дифтерија, тетанус, пертусиси,
сипаници, годишно се спасуваат над 3 милиони животи.
И одеднаш се појавува
група луѓе која се нарекува антиваксери. Инаку сосема интелигентни, образувани,
начитани луѓе.
И почнува да шири
приказни. Да продуцира наводни докази, да измислува бројки и врски.
Наспроти редица сериозни,
повеќегодишни истражувања, пракса која ги потврдува, објаснувања со податоци од
професионалци, излегува во јавноста некој си проширува глас, на пример дека
вакцините предизвикуваат аутизам.
Сериозните професионалци
даваат објаснувања, презентираат бројки, податоци и аргументи. И по сите основи
ги побиваат изнесените приказни. И мислат дека се е јасно. Завршена приказна. Не.
Следниот ден ете ги повторно истите приказни, со истите квази податоци, се
шират од огромен број луѓе.
И глупите луѓе се собираат
како мушички по светло околу небулозните идеи и конструкции. И се множат со
проста делба. И доведуваат до повторна појава на епидемии на веќе искоренетите
болести.
Посебно е интересна
трансформацијата на луѓето кои доаѓаат на власт.
Точно е дека глупоста
станува базичен критериум за кариерното напредување во македонија, меѓутоа има
случаи на луѓе со многу здрав разум кои влегуваат во политиката.
И одеднаш како некој да им
направил лоботомија. Стануваат поглупи од најглупите.
На пример кога
претседателот на државата кој си го сметал за многу разумен човек ќе излезе со
тврдење дека со намалување на казните за кривични дела направени од страна на
високи функционери во власта ќе се зголеми казнивоста на овие функционери, прво
остануваш без текст. А потоа се обидуваш да си објасниш како можело вакво нешто
да се слуши. Меѓутоа само навидум станува збор за лоботомија. Едноставно не сме
ја забележале глупоста претходно. Таа била добро маскирана.
Или пратеници кои се инаку
успешни доктори, професори, бизнисмени, а кои ќе станат горливо да бранат
именување за претседател на Собранието на Македонија на човек кој не знае за
што служи Собранието, кој немал никаква активност во Собранието, кој го
потценува значењето на Собранието и кој не знае што да прави со Собранието.
Втората последица од
ваквото потценување е дека одново и одново човек е вознемируван од страна на
глупи индивидуи кои се појавуваат одеднаш и сосема неочекувано на најнезгодни
места и во најнесоодветни моменти.
Си одиш по тротоар и некој фрла ѓубре од
зградата покрај која поминуваш.
Си возиш по улица и некој
преминува на твојата страна на улицата и јасно гледаш како возачот зборува на
телефон.
Се пријавуваш на конкурс
за вработување за работно место на кое се бара факултетска диплома. Ти уредно
доставуваш уверение за завршен факултет а некој службеник ти бара уверение за
завршено средно образование. Ти се обидуваш да објасниш дека е невозможно да
имаш факултетска диплома доколку немаш завршено средно образование и дека треба
да има основан сомнеж за стекнувањето на факултетската диплома за да се бара
претходното образование, меѓутоа некој глуп човек наредил дека мора така и ти
можеш или да се потчиниш или да не се пријавуваш на објавениот оглас.
2. Втор закон:
ВЕРОЈАТНОСТА ДЕКА НЕКОЈА
ЛИЧНОСТ Е ГЛУПАВА Е НЕЗАВИСНА ОД КОЈА БИЛО ДРУГА КАРАКТЕРИСТИКА НА ТАА ЛИЧНОСТ.
Стана многу модерно да се
зборува за еднаквоста на луѓето, за слободите и правата. Сите нешто спомнуваат
дискриминација.
Проблемот е што мал број навистина
разбира за што станува збор.
Луѓето се еднакви по
правата и слободите, ама тоа не ги прави исти.
Јас многу се согласувам со
Кипола дека има глупи луѓе и оние кои не се глупи. Да не го мешаме поимот со
необразуван, или без доволно информации или во специфични околности. Зборуваме
за глупоста како иманентна карактеристика. Образованието и средината во која
расте некој немаат влијание на фактот дека станува збор за глуп човек.
Јас знам неколку академици
кои се успешни во полето за кое стекнале образование, меѓутоа не можат да
побегнат од есенцијалната глупост која е дел од нив. Некогаш човек останува
така затекнат од глупите изјави на овие луѓе што едноставно останува без текст.
На пример ете еден
проминентен физичар утврдува дека: “Промената на Уставот ја промовира скриен,
добро организиран и меѓународно помаган сојуз. Тоа е сојуз за света војна
против македонството, составен од сили во Македонија и во ЕУ.“
„На Македонија и’ е
потребен трет Илинден. Затоа, ве повикувам, заедно да упатиме молитва за
Македонија, за Македонците, а притоа да не заборавиме дека зборот Македонија
подразбира, прво – просторен милениумски континуитет на македонскиот јазик,
идентитет и народ, и второ – македонскиот национален субстрат го сочинуваат
Македонците кои што живеат во државата Македонија, во соседството и низ целиот
свет“.
Само глуп човек може да
замисли ваква конструкција наспроти јасните показатели дека Македонија
едноставно не е никаков фактор од интерес за меѓународната заедница и дека е
многу поверојатно најголем број од западните политичари и да не знаат каде се
наоѓа, а не да биде центар на интерес на некакава тајна организација, моќен
сојуз создаден да ја уништи оваа велесила во Европа.
Концептот за човекови
права некогаш ја маскира глупоста кај луѓето. Под маската на слобода на
мислата, слободата на изразување, се обидуваат да протуркаат уверување дека
секое мислење и секој искажан став има иста вредност и тежина.
Не.
Слободата на мислата и на
изразувањето значи само дека секој може да мисли што сака и да кажува што сака.
Тоа никако не значи дека мислите и кажаното имаат иста вредност. Ова посебно
нема врска со статусот на тој кој што зборува.
Нема иста вредност кога за
Уставот и практикувањето на Уставот зборува на пример професорот по уставно
право Денис Прешова и шутрачето избрано за претседател на Собранието кое мисли
дека уставната одредба според која има конфликт на интереси на функцијата
пратеник и функцијата премиер е интерпретација.
3. Трет закон (златниот закон на глупоста):
ГЛУПАВА ЛИЧНОСТ Е ЛИЧНОСТ
КОЈА ПРЕДИЗВИКУВА ЗАГУБИ НА ДРУГО ЛИЦЕ ИЛИ ГРУПА ЛУЃЕ КОГА ТОЈ ИЛИ ТАА НЕМА
КОРИСТ, ПА ДУРИ И МОЖЕ ДА ПРЕТРПИ ЗАГУБИ.
Ова е најверојатно законот
кој ја објаснува суштината на глупоста.
Глупиот човек прави штета.
За себе и за другите.
На пример глупиот човек
фрла ѓубре надвор од кантите за смет. Сите трпат штета од фрлањето ѓубре надвор од
соодветните места. Загаден е воздухот, водата, почвата. Се шират болештилаци,
се множат бубашваби и стаорци. Тој кој
што го фрла ѓубрето и самиот трпи штета. И тој го дише загадениот воздух, ја
пие загадената вода, јаде загадена храна.
Многу често штетата се
прави без никаква причина. Еве на пример кај мене на село. Реката која тече низ
селото (бањанска река) е полна со кеси, а на брегот во близина на мојата куќа
има фрлено: еден мијалник, килим, сервис за кафе, скршено пластично столче,
едно купче цигли, и едно решо.
За да се исфрли ова ѓубре
покрај реката треба да се стави во количка и преку нивите да се испешачи
300-400 метри. Никако не можам да разберам зошто некој би се потегнал и би го
донел сето ова ѓубре до реката кога може да го остави секој петок на улицата (на
10 метри од секоја куќа) и да го соберат ѓубреџиите. Бидејќи не можам да најдам
рационално објаснување за ова, единствен заклучок кој може да го изведам е дека
станува збор за глуп човек.
Има и некои малку посложени
ситуации.
На пример вработување на
роднини и пријатели кои немаат соодветно образование, искуство или вештини.
Навидум станува збор за добивка. За тој кој го вработува роднината. Всушност
резултатот е погубен за сите. Многу вакви вработувања во здравството доведуваат
до колапс на здравствениот систем. Многу вакви вработувања во образованието
значи се поголем број лошо образувани деца кои не можат да извршуваат ни
елементарни работи. Многу вакви вработувања во администрацијата значи
неефикасна, корумпирана и нефункционална администрација. Ова значи лошо
изградени згради и патишта и железници, лоши сообраќајни решенија, лоши судии и
јавни обвинители, неспособни директори, ...
И се почнува со некој глуп
човек кој мисли дека вработувањето на неговиот неспособен роднина е супер
работа.
И повторно ќе кажам. Ова
не значи дека треба да ги истребиме сите глупи луѓе. Не. Само треба да
направиме соодветна легална рамка која нема да овозможи глупите луѓе да
нанесуваат штета. Лошиот лекар може да е добар фризер. Лошиот судија може да е
добар пекар. Лошиот архитект може да е добар водоводџија. Лошиот политичар може
е многу добар овчар.
4. Четврт закон:
НЕГЛУПАВИТЕ ЛУЃЕ СЕКОГАШ
ЈА ПОТЦЕНУВААТ ДЕСТРУКТИВНАТА МОЌ НА ГЛУПАВИТЕ ПОЕДИНЦИ
Интересно е дека
неглупавите луѓе (посебно интелигентните) многу често не ги препознаваат
глупавите луѓе.
Причините за ова можат да
бидат различни.
Неглупавите луѓе се често
арогантни во своето супериорно разбирање на работите. Мислат дека може да
објаснат, да аргументираат, да убедат. Меѓутоа глупите луѓе делуваат толку
хаотично и непредвидливо што едноставно ти се лизгаат од рацете како јегула. И неглупите
вообичаено ги потценуваат последиците од делувањето на глупите. Мислат дека
секоја последица од делувањето на глупите можат да ја поправат, да ја санираат,
да ја променат.
Втората причина е што
бараат рационално објаснување за глупоста на луѓето. Се повикуваат на услови на
живеење, средина во која растел глупавиот човек, специфични моменти во животот.
Третата причина е
погрешното разбирање на концептот на човековите права и посебно одредбите за
недискриминација. За да се заштитат себе си, глупавите луѓе го туркаат
разбирањето на еднаквоста како истост. Значи сите луѓе се исти. Ова е многу
погрешно разбирање на недискриминацијата. Сите луѓе не се исти. Меѓу другите
разликувања има глупи и неглупи луѓе. Луѓето се еднакви по правата кои ги
имаат. Меѓутоа тоа никако не ги прави исти. Глупиот човек има исто како и
неглупиот право на живот и право на сопствено мислење и право на изразување и
право да работи и да основа семејство, ... Меѓутоа тоа не значи дека на глупиот
човек треба да му се дозволи да си наштети себе си и да им наштети на другите.
Правото на изразување мора да биде ограничено на пример за да не се шират лажни
вести за вакцините како предизвикувачи на аутизам. Или, дека Земјата е рамна.
Или дека јазикот на кој зборувале античките Македонци е ист како јазикот на кој
зборуваат словенските Македонци.
Поттценувањето на
деструктивната моќ на глупиот човек и неспремноста да се изградат соодветни
одбрамбени механизми е сумирана во петтиот закон.
5. Петти закон:
ГЛУПАВИОТ ЧОВЕК Е
НАЈОПАСНИОТ ТИП НА ЛИЧНОСТ
Според Кипола, неглупавите
луѓе постојано забораваат дека секогаш, и на сите места и во било кои околности
да се соработува со глупи луѓе без исклучок води до грешка.
Тогаш кога глупавиот човек
си нанесува само себе штета или на еден двајца други е проблем и е тажно
меѓутоа нема големи последици за заедницата.
На пример, кога глупавиот
човек преминува улица надвор од пешачки премин прескокнувајќи преку ограда тој
го загрозува сопствениот живот и животот на еден или неколку други луѓе.
Или, кога глупавиот човек
отиде болен на работа, го загрозува сосптевното и здравјето на неколку колеги
со кои ќе контактира.
Меѓутоа, проблемот
настанува во моментот кога глупавиот човек е ставен на позиција од која може да
нанесе штета на голем број луѓе. Вистинската опасност се појавува на макро
ниво.
Според Кипола, глупи луѓе
има во секоја држава независно од тоа дали станува збор за развиена или
неразвиена држава, независно од политичкиот систем на државата и конкретниот
историски момент.
Меѓутоа факт е дека државите
различно се развиваат.
Разликата е во тоа колку
се активни глупите луѓе и на какви позиции се наоѓаат.
На пример ако ставаш глуп
човек за министер за здарвство тој ќе го разруши целиот систем на начин кој е
штетен и за него самиот и за голем број луѓе.
Или, ставаш глуп човек за
претседател на Собранието. Тој ќе нанесе штета на целиот процес на донесување
закони што ќе резултира во штета за огромен број граѓани. При тоа глупиот човек не мора да биде ни корумпиран, ниту
алчен, ниту злонамерен. Може да биде најдобриот човек на светот, меѓутоа
поставен на таа позиција едноставно не може да биде контролиран и сигурно ќе
предизвика штета.
Со глупиот човек никогаш
не можеш да предвидиш што ќе направи, во која насока ќе се упати, што ќе ми
падне на памет во моментот. Не може да ги антиципираш неговите потези затоа што
се бесмислени, нерационални и надвор од контекст. Не може да го советуваш или
да го насочуваш.
И повторно ќе кажам,
глупиот човек е опасен единствено доколку се наоѓа на место на кое може да
нанесе штета на голем број луѓе и на кое не може да биде контролиран. Глупи
луѓе имало и ќе има, прашање е каде се наоѓаат и каква моќ им е дадена во
рацете.
Ако се погледне развојниот
пат на Македонија од осамостојувањето до денес, со сигурност може да се изведе
заклучок дека цело време се поголем број глупи луѓе завземаат се повисоки
функции. Глупите луѓе имаат неверојатно штетно влијание во секоја област во
која пробиваат. Затоа имаме се полошо здравство, полошо образовабние, се полоши
услови за живеење. Пропаѓаат индустриски гиганти, се уништува железницата, се
бркаат луѓето од државата.
Навидум овие глупи луѓе
имаат добивка од своите активности. Меѓутоа ако се направи продлабочена анализа
може да се види дека штетата за нив самите ја надминува добивката или пак
можеле да добијат многу повеќе без да нанесат штета на другите и на подолг рок
и со јасна перспектива.
Да не ги мешаме глупите
луѓе со бандитите кои можат да бидат глупи и интелигентни. За нив би зборувале
во друга ситуација.
Главниот проблем е тој
дека во Македонија не е изградена брана за пробив на глупите луѓе на раководни
позиции. Се додека не се направи тоа ние немаме шанса да мрднеме од дното.
In media res!!!
ReplyDelete