Saturday, November 30, 2024

 За диктаторите облечени во демократско руво - Трамп и другарите против напредокот.

На изборите во САД за претседател повторно беше избран Доналд Трамп. 



Оној истиот против кој се водат неколку судски постапки и кој е веќе осуден за сторени кривични дела.

На отворено и огромно жалење на голем дел од демократските и прогресивни сили во САД и во светот.

Граѓаните на САД на слободни и демократски избори си избраа претседател.

И некој ќе праша, што ми е па мене гајле за тоа кој е претседател на САД.

Всушност многу е важно и треба да ни биде многу гајле кој е на чело на САД.

Прво САД се моментално економски и воено најмоќната држава на светот. Зад неа се Кина и Русија (кои го менуваат второто место зависно од тоа дали станува збор за економска или за воена моќ). Меѓутоа САД се неприкосновено први.



Надворешната политика на САД, но и внатрешните случувања во САД имаат многу директно влијание врз светските случувања и случувањата во одделни држави (па и во Македонија).

Таа може да ги диктира условите за мир и завршување на конфликти меѓу државите или во државите, или пак може да поттикнува конфликти и војни. Може да поддржува одредени владејачки кругови или да руши влади и коалиции во други држави. Може да го поттикнува развојот на одделни држави или, да го запира па та дури и да го уназадува развојот на одделни држави.

Второ, еднакво , па дури можеби и уште поважно е тоа дека, тоа е држава која може да го трасира патот на повеќе права и слободи за луѓето воопшто (за човештвото во целина) или да поддржува ограничување и намалување на овие права и слободи.

Кога претседателот на Америка и со тоа и целокупната негова администрација ќе излезе во јавноста со намера да воспостави политики спротивни на правата на жената и правото на абортус, со политики кои го величаат традиционалното разбирање на семејството и на родовите односи, со политики кои значат ограничување на почитувањето на различноста, антимигрантските политики и ксенофобијата, либерализација на користењето на оружјето од секој човек, тоа како бран се шири низ светот.

И не е случајно тоа што одеднаш се дигаат главите на сите конзервативни сили, добиваат поддршка и замав сите оние кои го влечат човештвото назад, кон веќе изминатите вредности и односи, кон ограничување на правата и слободите на големи категории лица.

И не случајно, веднаш по изборот на Трамп почнаа да се јавуваат организациите за заштита на човековите права и слободи.

На пример, веднаш по изборот на Трамп се јавија лекаритеза човекови права со изјава дека: Ќе ја мобилизираат целата мрежа и сите ресурси за да ги заштитат човековите права во Соединетите држави и во светот.

Според нив: Помеѓу политиките поддржани од Трамп и неговите сојузници се националната забрана за абортус, масовните депортации на имигранти, милитаризираните мерки против слободното изразување, демонтирањето на мерките за јавно здравје и поткопувањето на глобалниот систем за човекови права, а сето тоа го загрозува здравјето и човековите права.

Се огласи и организацијата Human Rights Watch, според која: Вториот мандат на Доналд Трамп како претседател на Соединетите Американски Држави претставува сериозна закана за човековите права во Соединетите држави и во светот. Овој став се базира на податоците собрани во време на првиот мандат на Трамп како претседател, за злоупотреба на правата за време на неговиот прв мандат, неговата поддршка на поддржувачите на идеологијата за белата супериорност, поддршката на екстремните антидемократски и политики насочени против основните права и слободи на луѓето предложени од конзервативни тинк-тенкови предводени од поранешни соработници и предизборните ветувања, вклучително за собирање и депортирање милиони имигрантите и промоција на политики на реваншизам кон политичките противници.

Се јави и организацијата Amnesty International. Според нив, за време на првата претседателска администрација на Доналд Трамп, организацијата документирала нанесување голема штета на човековите права, вклучително и напорите за редефинирање на човековите права на начин кој би ја загрозил универзалноста на важењето на правата. Поаѓајќи од ова, организацијата соопштува дека е подготвена да ги брани човековите права во вториот претседателски мандат на Трамп.

Според оваа организација, заштитата на човековите права во САД пред се значи ставање крај на насилството со огнено оружје и гарантирање соодветна здравствена заштита за сите, вклучително и абортус. Во поширока смисла според нив, тоа значи почитување на правата на демонстрантите, како и на мигрантите и луѓето кои бараат азил.

Овие предупредувања мора да се разберат многу сериозно и во секој случај да ги алертираат прогресивните сили во сите држави во светот.

Трет елемент кој дефинитивно треба да не загрижи со изборот на Трамп за претседател на САД е национализмот кој го промовира Трамп. Всушност бранот на кој исплива Трамп на површина и по втор пат ја освои власта е бран на отворен национализам поддржан со идејата за белата супериорност.

Токму паролата: Америка на прво место е една од најопасните пароли која треба многу да не загрижи. Америка на прво место значи дека сите други се помалку важни, можат да бидат згазени во име на Америка. Значи дека не се важни индивидуите и нивните права туку државата како колективитет. Значи нова поделба на блокови. Значи отстапување од меѓународните договори и веќе прифатените вредности на меѓународно ниво во име на заштита на интересите на Америка.

Паролата Америка на прво место има и длабоки историски корени. Таа враќа длабоко во американската историја, и расистичките, антисемитски и ксенофобични политики.

Со белиот национализам кој го форсира Трамп тој неверојатно многу се приближува кон германскиот национализам од Втората светска војна и на теориите за супериорност на ариевската раса.

Во исто време, со ориентацијата кон поставување на сопствената држава на највисок можен пиедестал, се отвора простор за големи нарушувања на човековите права секаде низ светот и секогаш кога некоја активност ќе биде оценета како штетна за Америка.

Според мене, ова е една од најголемите закани за концептот за човекови права која може да се замисли во 21 век.

Овој вид на национализам воспоставува своевидна привилегија за моќните  држави да го игнорираат меѓународното право и одлуките на меѓународните институции за да можат да прават што сакаат во границите на нивните земји па и надвор од нив.

Планот за владеење на Трамп во неговиот втор мандат, подготвен и поддржан од конзервативците во вид на проект (под име Проект2025 мандат за водство – подготвен од десничарската фондација Херитиџ и нивните екстремно десничарски сојузници – предвидува нова ера на американска воена самоувереност. Ако го следи овој план, Трамп ќе ги надополни исцрпените резерви, ќе ги зајакне нуклеарните капацитети и ќе ја милитаризира границата со Мексико. Можеби најстрашно, Проектот 2025 препорачува префрлање од „одбранбени“ во „офанзивни“ активности во вселената и сајбер операциите.

Македонија веќе има направено отстапка од своите меѓународни обврски со тоа што има донесено Закон со кој се штитат од екстрадиција на Меѓународниот кривичен суд државјаните на САД гонети од овој суд за дела направени на територијата на Македонија и на трети држави, кои ќе се најдат на територијата на Македонија (З А К О НЗА РАТИФИКАЦИЈА НА ДОГОВОРОТ МЕЃУ ВЛАДАТА НА МАКЕДОНИЈА И ВЛАДАТАНА СОЕДИНЕТИТЕ АМЕРИКАНСКИ ДРЖАВИ КОЈ СЕ ОДНЕСУВА НА ПРЕДАВАЊЕТОНА ЛИЦА НА МЕЃУНАРОДНИОТ КРИВИЧЕН СУД).

Против срамниот вазалски Закон со кој американските државјани се ставаат на повисоко ниво на заштита од македонските, со кој се негира надлежноста на Меѓународниот кривичен суд и со кој се откажуваме од сопствениот суверенитет во полза на САД, е поднесена иницијатива до Уставниот суд. Уставниот суд во состав:



 ја одби оваа иницијатива. Само да спомнам дека ова се појавува како една од забелешките кои континуирано се провлекуваат во сите извештаи на ЕУ за Македонија.

Национализмот на Трамп има и економска димензија.

Според голем број аналитичари оваа димензија може да внесе глобална дестабилизација и нови конфликти на светско ниво.

Америка на прво место во економијата значи дека најсилниот може да ги погази сите меѓународни норми доколку е тоа во негов интерес, може да уништува, подмитува, манипулира. Доколку е тоа во негов интерес. Нема друга граница на делувањето освен интересот на Америка. Америка без ограничувања. Според некои аналитичари ова може да доведе до трговски војни кои ќе ја влошат глобалната инфлација и ќе го турнат светот во нова рецесија,

Меѓутоа, можеби дури и изборот на вака димензиониран националист кој ја поддржува христијанската бела супериорност и не би бил толку страшен (дури и кога станува збор за најмоќната држава на светот) доколку конзервативниот национализам не е веќе присутен во држави кои се членки на ЕУ како структура која би требало да стои на браникот на човековите права.

Конзервативниот национализам на европските држави е исто така по правило  пропратен со хомофобија, ксенофобија и ограничување на правата на жените и се разбира доминантно вртење кон интересите на сопствената држава.

Победниците на последните избори во Австрија се припадниците на крајно десничарската партија на слободата (формирана во 1956 година од поранешни нацисти)

Победници на последните избори во Италија се Браќа на Италија кои имаат тесни врски со нео-фашистите.

Оваа партија е составена од повеќе фракции со ист националистички именител

Италија прва

Да ја направиме Италија

Ја сакам Италија

Јас југот

Национално движење за суверенитет 

Правец Италија 

Браѓата на Италија се антиимигрантски, хомофобни и за традиционално семејство. Лидерката на партијата Ѓорѓија Мелони себе се претставува како “жена, мајка, христијанка“.со мисија да ги спаси “Бог, државата и семејството”.

Najverojatno најблизок на трамповиот национализам меѓу ЕУ државите e автократскиот национализам на Орбан. И покрај тоа што многумина сакаат да го шретстават како национализам кој тргнал во погрешна насока, всушност, национализмот на Орбан според многу аналитичари е токму национализам кој успеал или успешен национализам. 

Орбан успеа да ја дезавуира демократијата, да го исмее правото, да ги негира основните права и слободи на човекот и сепак да остане лидер на држава членка на ЕУ.

Блискиот исток, Латинска Америка, Азија, тонат во национализам и негираат се она што беше постигнато на полето на човековите права по Втората светска војна.

Национализмот, ксенофобијата, хомофобијата, исламофобијата, ги заменија широко отворените врати на различноста, универзалното важење на човековите права, и обединувањето на човештвото.

Во напливот на конзервативизам и национализам исчезнуваат прекрасни творби на заедништво за кои со векови мечтаеле луѓето.

Тоа се случи со концептот на Југославија како држава во која ќе се обединат сите јужни словени. Идеја која се појавила во втората половина од 17 век а станала силна во 19 век. 

За свет во кој ќе се комуницира на еден јазик сонувал Заменхов и го создал есперантото. 

За универзални човекови права се избориле луѓето по Втората крвава светска војна а Универзалната декларација за човековите права е вообличена токму под водството на Елеонора Рузвелт (претходно прва дама на САД).



И наместо да почнеме да го градиме светот како место во кое ќе се обединуваме и ќе комуницираме, Југославија е уништена во крвава војна, есперантот не успева да се пробие како заеднички јазик затоа што ниту една држава не го поддржува , универзалните човекови права се повеќе стануваат утопија, а диктаторите облечени во демократско руво градат нови ѕидови.

И нам ни останува само да мечтаеме.

 

 


 

Friday, November 29, 2024

 Али Ахмети против меѓународната заедница или: што треба да направиме за да го разрешиме проблемот со употребата на јазиците во Македонија?

На 12.11.2024 година Претседателот на најголематаопозициска партија составена од етнички Албанци во Македонија, од Шуто Оризари испрати порака: 



„Вечерва на средбата со народот организирана од огранокот на ДУИ во Шуто Оризари разговаравме за понижувањата, отпуштањата на Албанците, обидите за укинување на албанскиот јазик, балансерот и поништувањето на сите достигнувања на Албанците...“  Али Ахмети потоа ги уверил членовите, симпатизерите и граѓаните дека по никоја цена нема да толерираат уништување на достигнувањата постигнати со многу жртви“.

Според Али Ахмети: „Одлуките за измена или ревизија на Законот за употреба на јазиците, не се само политички контроверзни, туку и штетни за напредокот и соработката меѓу заедниците, а таков развој може да ги поткопа придобивките и да ја врати земјата во периоди на несигурност“.

Во писмата што Ахмети на крајот од октомври ги упати до меѓународните лидери, информираше за „вознемирувачки планови дека Уставниот суд ќе ги укине основните одредби на Законот за употреба на јазиците, кои го утврдија албанскиот јазик како еднаков службен јазик според Амандманот 5 на Уставот, и претставуваат сериозен удар врз Охридскиот договор".

Али Ахмети вечерва од Врапчиште повторно на средба со граѓани, рекол дека очекува од сите политички партии на Албанците во земјава, но и од партиите во Косово да го заштитат албанскиот јазик.

Тој порачал и дека целиот албански народ ќе го штити албанскиот јазик кој е извојуван со крв и жртва.

Законот за јазиците за кој зборува Али Ахмети е донесен 2018 година. Во скратена постапка.



Веднаш по донесувањето е испратен до Венецијанскатакомисија (Европска комисија за демократија преку право). Комисијата е советодавно тело  при Советот на Европа.

                    


Улогата на Венецијанската комисија е да обезбеди правен совет за  земјите-членки на Советот на Европа, и особено, да им помогне на државите кои сакаат да ги усогласат своите правни и институционални структури со европските стандарди и меѓународното искуство во областа на демократијата, човековите права и владеењето. на правото.

Според мислењето на оваа комисија Законот за јазиците е проблематичен по повеќе основи.

Тој е проблематичен како заради процедурата во која е донесен така и заради начинот на кој ја третира материјата за употреба на малцинските јазици во Македонија.

Според оваа комисија, прво, донесувањето на законот по скратена постапка е неприфатливо. Имено, според комисијата, законот бил усвоен во отсуство на инклузивни и доволно ефективни јавни консултации, било каква јавна расправа и бил изгласан со отсуство на најголемата опозициона партија ВМРО-ДПМНЕ.

Според комисијата ова е сложен и комплексен закон кој се однесува на општетсвото во целина и во неговата подготовка и процесот на усвојување.бара вклучување на голем број експерти, цивилното општетсво, политичките партии.

“Според мислењето на Венецијанската комисија, Законот за јазици спаѓа во категоријата закони со широк јавен интерес за кои требало да се организира многу широка јавна расправа. Според комисијата “Жално е што закон кој повлекува толку голема и политички чувствителна реформа на јазичната политика беше донесен на таков начин, посебно што прашањата за употребата на јазикот постојано беа во фокусот на вниманието и јавните дебати во земјата.“

Второ, според комисијата Споредено со Законот за јазици од 2008 година, новиот Закон во голема мера ја проширува употребата на албанскиот јазик. Проширувањето на употребата на јазиците на малцинствата во принцип е позитивна одлука што треба да се охрабри. Меѓутоа, според комисијата тоа треба да се направи во согласност со Уставот. Според комисијата во  Македонија се поставува прашањето дали таквото проширување на правата е во согласност со членот 7 од Уставот. И според комисијата Уставниот суд е тој кој што треба да донесе валидно решени за постоење или непостоење на оваа согласност.

Трето, според комисијата Законот за јазици очигледно не ги исполнува законските барања за јасност. Имено според членовите на оваа комисија законот е нејасен, конфузен и внатрешно противречен.

-       Постои мешање на термините и нивна различна употреба

-       Не е јасно кои одредби се однесуваат само на албанскиот јазик а кои одредби се однесуваат и на другите малцински јазици

-       Не е јасно на кои области се однесува примената на законот

-       Не е јасно на кои државни институции се однесуваат одредбите

-       Не е јасно дали терминот „службена комуникација“ ја опфаќа и вербалната комуникација. Оваа точка според комисијата треба посебно сериозно да се земе предвид, бидејќи двојазичната вербална комуникација со албанските говорници ќе бара распределба на значителни финансиски и човечки ресурси и може да влијае на ефикасноста на јавната администрација.

Во законот се употребува задолжителна форма кога станува збор за употребата на малцинскиот јазик (посебно кога станува збор за употребата на албанскиот јазик во Собранието), наместо тоа да биде слободен избор на тој кој што го зборува.  

Во оваа смисла законот исто така ги обврзува тие кои зборуваат на албански јазик да имаат двојазични документи, наместо тоа да биде нивни слободен избор. Припадниците на другите јазични малцинства го имаат овој избор на располагање.

Според комисијата: Наметнувањето на употреба на албански или кој било друг јазик на заедницата врз поединци (без разлика дали во нивните односи со јавната администрација, во управните или судските постапки во кои тие учествуваат или во нивните лични документи) претставува повреда на правото на слобода на изразување (особено во однос на членовите 4 (2) и 5 ​​(4) од Законот за јазиците) и правото на слободно самоидентификација.

Ова е спротивно и на членот 3 од Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства.

Според комисијата “Законот треба да се ревидира за да стане јасно дека граѓаните имаат право, а не обврска за употреба на јазиците на заедницата“.

Четврто, според комисијата “би било подобро доколку Законот не го поврзува правото на употреба на јазиците на заедниците во согласност со Законот со етничката/јазичната припадност на лицето.“ Ова не е закон за етничките малцинства туку за јазичните малцинства и јазичните права што се две различни работи. Имено некој може да биде етничко малцинство независно од јазикот кој го употребува.

Петто, според комисијата Охридскиот рамковен договор и уставните амандмани што ги бараше тој не го решаваат експлицитно прашањето на судството. Единствената референца што може да се најде во Договорот за ова прашање ја ограничува употребата на јазиците на заедницата во судските постапки на минималните стандарди содржани во документите на Советот на Европа (види §11) во интерес на приватните лица вклучени во судските постапки. Според комисијата, Охридскиот договор очигледно не бара употреба на јазик различен од македонскиот, доколку еден од судиите, адвокатите или обвинителите го зборува тој јазик.

Шесто, според мислењето на Венецијанската комисија, во одредени области Законот може да оди предалеку со наметнување на она што се покажа како нереално законски обврски на јавните институции.

Затоа, Комисијата го повикува законодавецот да го преиспита Законот за јазиците и притоа да ги земе предвид, во консултација со сите засегнати страни, препораките на комисијата.

Од сето кажано произлегува дека повикот на Али Ахмети никој да не го пипа Законот за јазиците всушност е повик за заштита на закон спротивен на Уставот и спротивен на меѓународните договори, или, повик да продолжи противправно делување на државата.

Што треба да направиме за да го разрешиме проблемот со употребата на јазиците во Македонија.

Ајде, да ги поставиме основите на решението.

Прво, согласно меѓународните документи и меѓународната пракса, сите јазици кои се зборуваат во Македонија, покрај македонскиот се малцински. Значи, и албанскиот јазик е малцински јазик и како таков е заштитен со меѓународните документи.

Второ, како и во секоја друга држава на територијата на Македонија има малцински јазици кои традиционално се зборуваат (во одредена област или на целата територија) и малцински јазици кои се зборуваат од страна на луѓе кои не живееле традиционално на оваа територија.

Четврто, јазикот има двојна улога. Тој е средство за комуникација меѓу луѓето и дел од културата. И ова секогаш треба да се има предвид при решавањето на употребата на јазиците на територијата на една држава па и пошироко.

Првична цел на јазикот е да биде средство на комуникација меѓу луѓето. Преку јазикот луѓето даваат и добиваат информации, го искажуваат своето мислење, учествуваат во одлучувањето, искажуваат согласување или несогласување, изразуваат емоции, ...

Втора, и не помалку важна цел на јазикот на актуелниот степен од развојот на човекот е изразување на сопствениот идентитет. Антрополозите зборуваат за односите меѓу јазикот и културата. Навистина е повеќе во согласност со реалноста јазикот да се смета за дел од културата.

Рационалистичките ставови имплицираа дека луѓето, како рационални, размислувачки суштества, измислиле јазик за да ги изразат своите мисли, прилагодувајќи ги зборовите на веќе развиената структура на интелектуална компетентност.

Од тука, не е сеедно на кој јазик се зборува. Различни јазични структури делумно може да ги фаворизираат или дури и да одредат различни начини на разбирање и размислување за светот.

Меѓутоа, сите досегашни истражувања водат кон заклучок дека нема посебна генетска или физиолошка предиспозиција за конкретен јазик. Никој не ја наследува способноста да се користи одреден јазик, но децата обично се раѓаат со способност и нагон да се здобијат со јазик - имено, оној (или оние) на кои рутински се изложени од детството.

Јазикот е систем од симболи. И повторно. Тој не е единствен систем од симболи преку кој комуницираат луѓето.

На пример луѓето комуницираат преку: религиски симболи, географски, музички ноти, математички симболи, компјутерски јазик, медицински симболи, физички, хемиски, ... Овие симболи тежнеат да станат интернационални со цел подобра комуникација меѓу луѓето.

Трето, јазиците се менуваат. Секој жив јазик може лесно да се приспособи за да одговара на промените што се случуваат во животот и културата на неговите говорители, а главната тежина на таквите промени паѓа на вокабуларот. Значењето на постоечките зборови се менува и се измислуваат или прифаќаат нови зборови.

За полесна комуникација и споделување информации луѓето бараат некој заеднички јазик.

 Во Римската империја, генерално, западната половина користела латински како лингва франка, а источната половина користела грчки. Во западна Европа во текот на средниот век, латинскиот продолжил како меѓународен јазик на образованите луѓе, а латинскиот бил вториот јазик што се учи во училиштата.

По Втората светска војна доминантна употреба на англискиот јазик во науката и технологијата и во меѓународната трговија.

За да ја исполни својата идентитетска и културолошка функција во една држава јазикот треба да се зборува, да се негува и да се развива. Треба да се учи во училиште, да се употребува во секојдневната комуникација меѓу припадниците на една јазична група, да се творат уметнички дела на тој јазик, да се пее и да се глуми на тој јазик.

За да ја исполни својата комуникациска улога во една држава треба да се избере јазик кој го зборуваат најголем број од граѓаните независно од нивната етничка или јазична припадност, или, да се избере друг јазик кој сите ќе го учат како јазик за комуникација (на пример - англиски, или – есперанто).

Употребата на јазикот за комуникација треба што е можно повеќе да се поедностави и да се овозможи во сите области кои не се поврзани со културата и идентитетот.

На пример ставање на различен јазик од јазикот на комуникација на банкнотите е бесмислено. Или на ознаките на полицијата или војската.

Македонија има шанси да избира.

Ако сакаме заедно да живееме:

Може да ги примени одредбите на Повелбата за регионалнитеи малцински јазици која Македонија ја има потпишано а ја немаратификувано и покрај тоа што презела ваква обврска.



Може да си избере трет јазик за комуникација (англиски, есперанто или некој друг по договор).

Или нешто трето. Или четврто.

Ајде да отвориме широк разговор.

Да не дозволиме политичарите да си играат мајтап со нас во нивна и единствено нивна корист.

 

 



Thursday, November 28, 2024

На конкурс за вработување на доктор, не може критериум да биде завршена пилотска школа

Ме прашуваат како може да се промени безизлезот во кој живееме.

Треба и можат да се направат многу нешта.

Ама јас би тргнала од наједноставното и најпрагматичното:

Јас мислам дека постои еден сигурен начин, а тоа се правила, процедури и критериуми.

Како може правилата, процедурите и критериумите да направат промена?

Прво, тие треба да бидат однапред дадени.

Правилата на играта , процедурите и критериумите (во било која област) мора да бидат разбирливи и однапред јавно објавени.

Разбирливо значи дека секој човек со најпросечна интелигенција, без посебен напор може да ги разбере.

За луѓето со интелектуална попреченост мора да има соодветно објаснување кое ќе обезбеди тие да ги разберат и соодветно да ги применуваат.

Јавно објавени не значи да бидат ставени на интернет страната на некое министерство под точка3, поддточка 5, подточка 12 во некој фолдер умешно замаскиран.

Јавно значи да бидат одново и одново промовирани и објаснувани и дадени на најразлични начини со кои би се допрело до што е можно повеќе граѓани.

Тие треба да бидат изработени многу пред да бидат применети и да траат со години (се додека не станат контрапродуктивни).

Не може да се измислуваат нови правила , процедури и критериуми во текот на играта со цел обезбедување бенефиции за едни, а губење на играта за други.

Затоа не смее да се менуваат законите по скратена постапка, по потреба на еден или група луѓе. Не смее да се менуваат урбанистичките планови преку ноќ а да бидат изложени во нивната оригинална форма во јули во период кога голем дел од граѓаните се на одмор.

За секоја промена на правилата треба да има презентации и презентации и објаснувања и можност за поставување прашања и давање одговори и повторно прашања и така додека се не биде јасно.

Второ, правилата процедурите и критериумите треба да   имаат логика и да бидат поврзани со материјата која ја регулираат.

Правилата, процедурите и критериумите обезбедуваат сите да играме иста игра, а не некој да игра фудбал, друг ватерполо, а трет пинг-понг.

За да се постигне тоа тие треба да се недвосмислени и логични, односно да се недвосмислено поврзани со материјата на која се однесуваат,

Само како пример, кога се распишува конкурс за вработување на доктор, не може критериум да биде завршена пилотска школа за управување на спортски авион.

Тоа значи дека некој може да биде супер пилот на спортски авион, ама тоа не го прави соодветен за доктор.

Исто како што завршен факултет за теологија не може да биде критериум за вработување во полиција или завршена средно уметничка школа, не може да биде соодветна за работа во катастар (освен во Македонија се разбира).

Наметнувањето на бесмислени и нелогични правила, процедури и критериуми е секогаш знак дека во опаковката на правила, процедури и критериуми се подметнува несоодветна одлука.

Многу често процедурите се сведуваат на бесмислено изведување ритуали.

Не е работата да постои Собрание во кое 120 луѓе ќе дигаат или нема да дигаат рака, туку да постои место каде што се дискутира, каде што се презентираат алтернативни решенија, каде што се овозможува да допре гласот и мислењето на граѓаните и ќе бидат донесени решенија кои ќе одговараат на интересите на граѓаните.

Процедурите постојат за да се обезбеди ова, а не само како ритуални движења кои ја изгубиле смислата и кои не ги разбираат ни тие кои ги прават.

Процедура – јавна расправа.

Процедура – изложување на детален урбанистички план најмалку 3 месеци.

Процедура – презентација на податоци.

Процедура – прибирање мислења.

Процедура -

Трето, правилата, процедурите и критериумите се применуваат на сите.

Сите играме фудбал, на терен за фудбал, со опрема за фудбал, со голови за фудбал, со судии за фудбал, со топка за фудбал.

Не може некој да игра фудбал а друг да игра рагби.

Не може некој да игра фудбал со топче за голф, или пак со коњи како за поло.

Не може во Уставот да биде предвидено дека религијата е одвоена од државата, а во Собранието да се одржува религиозен обред.

Не може кражбата да биде кривично дело, а функционерите да ги крадат заедничките пари.

Не може за вршење на одредена работа да се бара соодветно искуство, а тој кој раководи да биде човек без никакво искуство.

И казната треба да биде  еднаква. Не иста, туку еднаква.

За кражба на еден денар од страна на функционер во власта мора да следи казна како да украл 100000 денари. Затоа што граѓаните мора да имаат доверба во тој кој што е на власт и затоа што предизвикот да се украде е голем. Затоа казната треба да биде драконска.

Ако сме фатиле функционер да лаже, постои голема веројатност дека не сме го фатиле десет пати пред тоа како лаже. Ако сме фатиле функционер да краде, голема е веројатноста дека не сме го фатиле 10 пати пред тоа како краде и мами и злоупотребува должност и ...

Функционерите треба да бидат депривилегирани во однос на добивањето стипендии за нивните деца, купувањето имот, било која зделка која значи добивка, затоа што се тие однапред привилегирани по својата позиција.

Значи, правилата, процедурите и критериумите за секој кој е на власт мора да бидат десетоструко построги, поригорозни и потесни.

Заклучок

 Правилата, процедурите и критериумите не се измислени за да им го загорчаат животот на луѓето и не смеат да бидат употребени на начин кој им го усложнува животот.

Тие се измислени за да се ограничат тие кои се на власт од самоволие, од злоупотреби, од промоција на сопствените интереси, од изигрување на правото, од бенефиции базирани на позиција, од искористување на посебните знаења и информации.

Во моментот кога е направена промена на Кривичниот законик со која се намалуваат казните за функционерите кои го прекршиле законот (без соодветна процедура), всушност се руши целиот систем на правила, процедури и критериуми.

Во моментот кога Африм Гаши како претседателот на Собранието не одговара за прекршување на правилата и процедурите за работа на Собранието, искористување на личната заштита и користење на службените возила, се руши целиот систем на правила, процедури и критериуми.

Во моментот кога Филипче не одговара за случувањата во модуларната болница кога загинаа 14 луѓе, како министер за здравство во тој момент, се руши целиот систем на правила, процедури и критериуми.

И последното безобразно прекршување на системот на владеење на правото кој едноставно не може да егзистира без постоењето на соодветни правила, процедури и критериуми е иницијативата за промена на Законот за локална самоуправа,

Барањето е толку очигледно и сирово безобразно изигрување на правото што едноставно е незамисливо во било која држава која има намера да гради демократски систем, а камо ли држава која тврди дека 33 години гради ваков систем и која наводно е спремна за влез во ЕУ.

Криминалците, пардон, феудалците, пардон, функционерите во власта си решиле по скратена постапка да го променат законот за локална самоуправа и тоа за еднократна употреба,

Предлагаат таква промена на законот со која општините чии градоначалници беа избрани за пратеници една година ќе ги предводи градоначалник кој не е избран од страна на граѓаните.

Според членот 49 од Законот за локална самоуправа:

Градоначалникот се избира секоја четврта година, на општи, непосредни и слободни избори со тајно гласање во согласност со законот со кој се регулираат локалните избори.

Ова значи дека се предлага измена на закон со која се укинуваат општите, непосредни, слободни и тајни избори.

Спротивно на Уставот, без процедура, надвор од сите правила и се разбира спротивно на критериумите врз основа на кои се регулира управувањето во општините.

Треба да си навистина или правен аналфабета или дрзок криминалец свесен дека во Македонија не живее правото за да излезеш со ваков предлог.

Да повторам, нема владеење на правото ниту демократска држава без правила, процедури и критериуми.

Не ритуали кои имитираат правила, процедури и критериуми, туку суштинска примена на истите.

Една од најсмешните и најтажните приказни е дипломатијата. Без постоење на правилата, процедурите и критериумите, цвеќарки, ветеринари, режисери и приправници стануваат амбасадори.

 Криминалци стануваат директори на затвор,

Осомничени за злоупотреба на должност, шофери на странски амбасади стануваат министри.

Катастарски службеник го предводи министерството за здравство и министерството за образование.

Хирург осомничен за злоупотреба на службената положба како министер за здравство го предводи министерството за надворешни работи.

Стручен соработник во судот станува член и претседател на судскиот совет.

Ситен хоштаплер станува Уставен судија, министер за правда, народен правобранител и член на Совет на јавни обвинители.

Осомничен за воени злосторства станува министер за одбрана.

Кецарошка и ситна хоштаплерка станува Специјален јавен обвинител.

Осуден криминалец станува генерален секретар на Владата.

Само градење на систем од правила, процедури и критериуми кои ќе важат најмалку една деценија и нивно ригидно почитување може Македонија да излезе од смрдената дупка во која е заглавена.

Тоа е моето мислење.

 

 

Wednesday, November 27, 2024

 Ситуацијата е безнадежна но не и сериозна

Се шират гласини (сосема непотврдени) дека Македонија е демократска држава. Јас не верувам во нив. Мислам дека се потполно непотврдени и неосновани.

1.    Демократијата е политички систем во којшто власта припаѓа на мнозинството на народот.

Би напоменала дека народ не е некоја монолитна, хомогена маса, туку збир од граѓани, индивидуи со многу голем број разлики и ограничен број сличности, со голем број различни интереси и потреби а ограничен број заеднички интереси и потреби. Значи демократијата е систем во кој власта припаѓа на мнозинството граѓани во една држава.

Во Македонија ова станува проблем. Имено, партиите формирани врз етничка основа всушност оневозможуваат формирање на вистинско мнозинство граѓани.

Партиите намерно ги делат граѓаните по етничка припадност и на тој начин граѓаните не може да се групираат околу други (вистински или приоритетни) заеднички потреби и интереси. Тие се разбиени и на тој начин се намалува нивната моќ, не само да ги изберат вистинските претставници, туку и понатаму да бараат почитување на демократските вредности.

Едноставно, во моментот кога етничкото ќе стане најважен елемент на партиското групирање, во тој момент граѓаните се откажуваат од демократијата. 

 

2.    Меѓутоа во современото разбирање на демократијата е отидено и чекор понатаму во почитување на многуте различности на луѓето.

Така што она што го сака мнозинството не е доволна или единствена причина тоа нешто да се третира како добро или пак како праведно.

На пример, мнозинството може да го сака патријархалниот модел на живеење, меѓутоа тоа не значи дека е тоа добар или праведен модел на живеење. Или, мнозинството може да биде против еднополовите бракови и тоа воопшто не значи дека забраната на еднополови бракови е добра или праведна.

Ако демократијата ја разбереме само како владеење на мнозинството лесно може да не доведе до лажната сугестија дека “власта не може да биде самоволна се додека се пренесува со демократска постапка – демократски избори. Тоа Бранко Црвенковски ја исфрли флоскулата “Народот е во право и кога греши“ како една од алатките на рушење на демократијата со поставување на народот како параван зад кој може да се протурка се и сешто.

И власта избрана на демократски избори доколку не постојат останатите елементи на современта демократија може да биде автократска.

За да биде политичката власт демократска, не е доволно да има најсоодветен за конкретна држава изборен модел и да се изведат фер и демократски избори на кои граѓаните ќе изберат кој ќе управува со државата во наредниот период. Тоа е sine qua non – услов без кој не се може, меѓутоа не е цел сама по себе, туку само почеток на демократското владеење.

Во Македонија луѓето се истрошуваат со борба за најдобар изборен модел и не успеваат да мрднат чекор понатаму во практикувањето на демократијата.

Всушност, ниту еден изборен модел нема да биде добар се додека политичките партии се дефинирани по етничката линија.

Прво, граѓаните секогаш ќе бидат ограничени во изборот на сопствената етничка група претставена од етнички дефинираната партија.

Второ, после изборите власта нема да се формира како демократска и претставничка, туку како испазарена меѓу етнички дефинираните племиња.

Трето, секогаш може да се извади етничката карта и да се негира легитимитетот на новата власт од некоја етничка група (како што е тоа случајот со ДУИ и Али Ахмети кој измислува   правила кои директно ја рушат демократијата и демократските институции).

Четврто, етничката различност ги поклопува сите останати различности и различни основи за групирање на луѓето а оневозможува перципирање на сите постоечки сличности.

Тоа не е демократија.

 

3.    За да биде демократска политичката власт треба да се остварат неколку елементи:

 

-          Политичката власт е демократска тогаш кога постојат канали низ кои се остварува реално влијание на граѓаните врз носителите на државната власт (како во формулирање на законите така и во градење на политиките).  

Законите треба да произлезат од потребите и интересите на граѓаните и да бидат формулирани на начин кој најмногу одговара на овие потреби и интереси. Тоа може да се направи единствено доколку граѓаните учествуваат во процесот на формулирање на законите.

Демократијата е еден од најспорите, најбавните системи затоа што подразбира консултации со граѓаните, презентирање на законските текстови, прибирање мислења, расправи, коригирање на првичните понуди.

Во Македонија граѓаните немаат појма кога се носи некој закон. Никој не ги прашува дали им треба, како да гласи, што и како да се регулира.

Дури си донесоа и Деловник на Собранието со кој се оневозможени  јавни расправи во Собранието. Најчесто граѓаните не се ни известени а камоли прашани за мислење.

И ова не им беше доволно, па донесоа Деловник со кој им забрануваат дури и на пратениците да дебатираат, да даваат мислења, да разгледуваат, да проценуваат на работните тела на Собранието и на пленарните седници.

Едноставно власта си штанца закони кои треба да ги озаконат интересите на тие кои се на власт.

Вака донесените закони се полни со дупки во кои може да се провре партиското самоволие, потполно се неписмени за да може да се толкуваат на различни начини и потполно се конфузни за граѓаните да не може на никој начин да ги искористат во сопствена полза.

Тоа што некој закон ќе биде ставен на интернет страната ЕНЕР (Електронски национален регистар на прописи на Република Северна Македонија) воопшто не значи дека е направен достапен на граѓаните или дека навистина се очекува нивно инволвирање во содржината.

Многу е интересен привидот на јавни расправи кои ги прават некои државни органи.

На пример, Министерството за информатичко општество и администрација направила ЈАВНА РАСПРАВА ЗА ИЗМЕНИ И ДОПОЛНУВАЊА НА ЗАКОНОТ ЗА ВРАБОТЕНИТЕ ВО ЈАВНИОТ СЕКТОР И ЗАКОНОТ ЗА АДМИНИСТРАТИВНИ СЛУЖБЕНИЦИ.

На официјалната страна на агенцијата за администрација под овој наслов се дадени изјавите на: министер за информатичко општество и администрација, државниот  секретар во Министерството за информатичко општество и администрација,   советник за администрација во министерството и  директорот на Агенцијата за администрација. Она што го кажале другите учесници во јавната расправа е дадено во една реченица: Големиот број на присутни на дискусијата со примери од практичната примена, но и со препораки, придонесоа кон дискусијата, од што понатаму ќе произлезат и законските измени.

Јас не можев да најдам што било дискутирано, кои биле забелешките и предлозите и што од тие предлози и забелешки станало дел од законскиот предлог.

За да им ги замачкаат очите на граѓаните и да создадат привид на демократија, властодржците отвораат расправа таму каде што нема место за расправа.

Во демократското општество се расправа пред да се донесе законот. Откако ќе се донесе законот тој се применува. Се додека не се промени во истата процедура во која е и донесен.

Така Африм Гаши од позиција на претседател на Собранието ни соопшти дека наместо да ја примениме уставната одредба со која се утврдува дека пратеникот не може да има друга функција (како што во моментот имаат Џафери како пратеник и премиер на државата или Илир Демири кој е пратеник и министер за здравство), треба да разговараме за оваа одредба. Како дел од демократската процедура.

Според Африм Гаши, не е важен Уставот, не се важни ни законите. Според него имало пракса во Собранието за неспоивоста на две јавни функции, но и неоставање на вакуум на битните институции.

Всушност Африм Гаши ни вели дека не треба да се почитуваат Уставот и законите туку да се прави она што го правеле другите кои претходно ги прекршиле Уставот и законите. И бидејки веќе има поинакво постапување (односно кршење на Уставот и законите) за него тоа значи дека уставната и законската норма се на исто рамниште со прекршувањето и сега треба да расправаме што треба да се примени.

Со други зборови, ако некој убил и за тоа не бил казнет, сите добиваат по автоматизам право да убиваат затоа што е тоа новата пракса која ги негира и Уставот и законите, или барем за секое убиство треба да отвориме расправа дали воопшто треба да се оди на суд или да се третира како нова пракса.

Ова не е демократија.

-          За да биде демократска политичката власт таа треба да дава начини за ограничување на моќта на тие кои се на кормилото на државата. Тоа значи дека постојат начини да се принуди тој што е на власт да  ја извршува волјата на граѓаните.

Главната алатка на принуда е тој кој што е на власт да ги почитува законите кои ги донесле претставниците на граѓаните.

За граѓаните да имаат вистинска моќ на контрола законите треба да бидат донесени од  орган во кој се остварува влијанието на граѓаните (Собранието), во соодветна процедура (која води сметка за потребите и интересите на граѓаните и овозможува влијание на граѓаните) и да важат еднакво за сите.

Во Македонија органот кој треба да биде составен од претставници на граѓаните (Собранието) е составен од партиски послушници, чија единствена задача е да ја спроведуваат волјата на партиското раководство, нема можност граѓаните да влијаат врз содржината на законите и законите не важат еднакво за сите.

Видовме дека граѓаните немаат начин да влијаат на содржината на законите.

Останува важењето на законите за сите. За да важат законите за сите тие треба да пред се да бидат општи за да покриваат доволно широк простор во кој ќе бидат регулирани различни конкретни потреби, на различни индивидуи, на еднаков начин.

Што се случува во Македонија?

Во желба да се  прилагодат законите на потребите и интересите на тесни групи во власта (едни да добијат привилегии, а други да бидат оставени надвор од заштитата на законот) законите се моделираат до ниво на бесмисол и се брише се што  на  луѓето им е заедничко. Така фактички се оневозможува законите и правилата да важат за сите и на ист начин и да се применуваат на сите луѓе.

Па така имаме:

-          Покрај законите за основно и средно образование посебен Закон за Бирото за развој (кое се занимава со основното и средното образование)

-          Има посебен Закон за ловство и Закон за дивечот и ловство

-          Има посебен закон за платите на јавните обвинители и Закон за платите на судиите,

-          Има Закон за математичко-информатичка гимназија (една)

-          Закон за обука и испит за директор на основно училиште, средно училиште, ученички дом и отворен граѓански универзитет за доживотно учење

Манипулацијата со законите во Македонија добива и посебна димензија.

Имено, властодржците не се задоволуваат со носење закони кои никако не може да се наречат општи и со нееднаква примена на законите за функционерите во власта и граѓаните.

Тие одат чекор понатаму и носат закони со кои се утврдува законска неказнивост за кривичните дела направени од високи функционери во власта (како што е направено со последните промени на Кривичниот законик).

Следен чекор би бил потполно индивидуализирани закони. На пример, Закон за правата и слободите на Кочо Анѓушев. Или Закон за привилегиите на Артан Груби.

Тоа не е демократија.  

-          За да биде демократска политичката власт мора да постои одговорност на владините функционери пред јавноста (односно пред  јавното мислење).

При стапување на функција функционерите се заколнуваат дека ќе бидат одговорни, па дури и во своите настапи ни велат: најодговорно трвдам.

Меѓутоа ова е само една голема фарса  во која ниту еден функционер воопшто не верува затоа што  функционерите не одговараат ниту за прекршувања на законите, ниту за несоодветно работење, ниту пак за пропусти со кои се нанесува огромна штета на сите граѓани на Македонија (се додека се миленичиња на партиското раководство).

Може да се каже дека неодговорноста на високите функционери во власт во Македонија добива епски размери. За неодговорноста може да се испеат песми и епови, да се пишуваат романи и драми.

Неодговорноста на тие кои најодговорно тврдат и кои се заколнуваат на одговорно вршење на службата е врв на  измотавањето со демократијата во Македонија.

 

Еве само неколку примери:

1.    Не чувствувам одговорност за доцнењето на учебниците, вели директорот на бирото за развој на образованието Зеќирија Хасипи

А надлежност на Бирото меѓу другото е:   изработка на концепција за учебник, програма за издавање на учебници и методологија за стручно вреднување на ракописи на учебник и за вреднување на квалитетот на учебник;

Одговорни се рецензенти, печатници, перо клучарот, ама не и министерот

И никој не одговараше

2.    Јас не чувствувам одговорност, и немам намера да поднесам оставка, изјави претседателот на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Игор Тантуровски, по обелоденувањето на скандалот за трошењето во Комисијата,

Ревизорите лажат: за ручеците, патувањата, изнајмувањето станови, патните трошоци

И никој не одговараше

3.    Османи: Ќе поднесев оставка да бев убеден дека има грешка во моето работење

13 лица во министерството кое го управуваше Османи го прекршиле законот, ама Османи нема појма што се случува во министерството со кое управува.

А според членот 13 од Законот за Влада: Министерот самостојно раководи со министерството за кое е избран, го следи и е одговорен за спроведувањето на законите и другите прописи

4.    Џафери: Не чувствувам потреба да се извинам (што навредува, пцуе и понижува службеници вработени во Собранието).

Во Кодексот за етичко однесување на пратениците во членот 3 се вели:

Ама ова не важи за Талат Џафери исто како што не важи Уставот, ниту еден закон, деловникот или било кое правило во оваа држава.


5.    Филипче: Не чувствувам одговорност, од почетокот на кризата работиме професионално

Не беше одговорен за 14 луѓе кои изгореа во болница, ниту за доцнењето на вакцините, ниту за хаосот во време на пандемијата.

6.    Димовски: Го најдовме виновникот, јас не чувствувам одговорност за државјанството за Онишченко

Се разбира, од каде до каде директорот на Агенцијата за национална безбедност да биде одговорен за безбедносен пропуст.

7.     Министерот за внатрешни работи Спасовски: Не чувствувам одговорност за бегството на Мијалков, системот не ни чини

Тој кутриот и нема појма што значи да се биде министер за внатрешни работи и нема појма што значи одговорност па ни вели: За да се чувствува одговорност значи дека треба да направите намерен пропуст или да не постапите по насоките кои се дадени. Навистина мора да внимаваме во иднина на место на министер за внатрешни работи сепак да дојде човек со полна деловна способност.

8.    Министерот за култура Хусни Исмаили не чувствува одговорност за настанот во МНТ (се сеќавате тоа е оној случај кога е демолиран Македонскиот народен театар од страна на примитивци организирани од државниот секретар за култура Валмир Азири и пратеникот Артан Груби)

9.    Директорот на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување Шаип Зенели: Не чувствувам лична одговорност затоа што 19 милиони евра од фондот биле ненаменски трошени.

10.          Министерот за образование Арбер Адеми не чувствува одговорност, што два пати по ред не е доделена наградата „Гоце Делечев“

11.          Никола Димитров ни соопшти  дека не се повлекува од позицијата заменик претседател на Владата задолжен за европски прашања  затоа што чувствува одговорност  

12.          Претседателот Ѓорѓе Иванов не се чувствува одговорен за ситуацијата во која се наоѓа Македонија  

13.          Премиерот Димитар Ковачевски, не чувствува одговорност за состојбата со владеење на правото во државата и не упати да ги прашаме тие што се одговорни за владеење на правото.

И покрај тоа што не се чувствуваат одговорни за областа со која раководат, многу од функционерите ја употребуваат фразата: најодговорно тврдам.

Леснотијата со која се употребува оваа фраза е право пропорционална со отсуството на механизми за вистинска одговорност на функционерите.

1.    Еве претседателот на Управниот суд Бурим Сејдини ни соопштува: најодговорно тврдам дека во Управниот суд немало, нема и нема да има рачна распределба на судски предмети. Ова го тврди откако  вработените во Управниот суд поднесле кривична пријава против него поради сомнение за злоупотреба на службената положба, дознава Телма. Според документите до кои дојдовме, причинетата штета на државниот буџет би можела да достигне и милиони евра.

2.    Пратеникот Дарко Кевски “Најодговорно тврдам дека го немам прекршено законот” и ги отфрла обвинувањата за финансирање на спортски клубови и федерации преку ваучерски систем.

3.    Најодговорно тврдам дека македонско-бугарско историска Комисија не е под политички притисок. Јас сум тука да им помогнам за логистичките услови, но не сакам да навлегувам во нивните теми, за да не се создаде впечаток дека ние влијаеме врз нив, посочи министерот за надворешни работи Бујар Османи. Меѓутоа  Протоколот меѓу Македонија и Бугарија  со кој фактички се врши притисок врз Комисијата е потпишан токму од Бујар Османи.  

4.    Раководителот на Секторот за шумарство и ловство на МЗШВ, Саша Јовановиќ и директорот на ЈП „Национални шуми“ Валентин Груевски.Најодговорно ги отфрламе изнесените дезинформации и полувистини во врска со извозот на огревно дрво. Од кажаното сепак се гледа дека огревно дрво е извезено.

5.    Претседателот на Регулаторна комисија за енергетика, Марко Бислимовски ни соопшти: Најодговорно тврдам дека тие што ќе одат во трет блок ќе имаат помали сметки од претходно, ќе дојдат сметките, граѓаните ќе видат. Ама сметките се зголемија. Па така дојдовме до ситуација сметката за потрошена струја да биде илјада денари – сметка за плаќање 2.500 денари

Да сумираме

 

Или, што би рекол мојот омилен писател на научна фантастика Даглас Адамс: ситуацијата е безнадежна но не и сериозна.