Што е глупо во Македонија
и зошто ова што ни се случува може да го подведеме под петте закони на глупоста
Македонија е полна со
глупи луѓе.
Најглупите доаѓаат на
високи позиции во власта, а оние помалку глупите (ама несомнено глупи) ги носат
овие глупиве на највисоките позиции на власт.
1. Глупо е што имавме
сосема солидна стартна позиција кога прогласивме самостојност која со
секоја власт ја правевме се полоша и полоша.
Македонија ја избегна
војната на територијата на СФРЈ и во извештајот на бадентеровата група беше
оценета на слично ниво како и Словенија со реален потенцијал за брза изградба
на демократските институции и практики.
Доколку на чело на
државата имавме политичари со доволен интелектуален капацитет да можат да ги
антиципираат политичките случувања барем два потези однапред, кои ќе сакаа да
ги разрешат внатрешните тензии базирани на етничката разновидност, кои ќе
разбереа што е тоа демократија и владеење на правото и ќе ја заштитеа државата
од грабежот на новокомпонираните бизнисмени, многу е голема веројатноста дека
Македонија ќе беше членка на ЕУ пред Бугарија и немаше да станеме заложници на
големобугарските аспирации.
2. Глупо е што во моментов
сме помалку самостојни отколку што бевме кога бевме дел од СФРЈ.
Економски, енергетски и
воено, сме потполно зависни од други држави. Ситните џепарошчиња кои ги носиме
на власт за своја лична корист решаваат
да распродадат се што може да се продаде од државата, странските инвестиции ги
прикажуваат како највисок дострел на домашната економија, а давањето под
концесија на природните богатства на државата како позитивен развој.
Странски амбасадори ни
кажуваат кого да апсиме а кого не, како да ја направиме територијалната
поделба, колку сме боси во дипломатијата, кој смее а кој не смее да биде
разрешен од судскиот совет, ...
3. Глупо е што сите добри
работи од претходниот систем ги уништивме, а задржавме се што беше лошо.
Го уништивме демократскиот
систем на плуралитет, локалната самоуправа, судовите за работни спорови,
професионалната администрација, образованието, здравството, земјоделието, ..
Ги задржавме и
надградивме: непотизмот, корупцијата, неодговорноста, примитивизмот,
незнаењето, ...
4. Глупо е што граѓаните
одново и одново веруваат во истите ветувања и лаги на политичките партии
и многу се изненадуваат кога политичките партии кои ќе дојдат на власт нема да
ги исполнат тие ветувања.
На пример нема ниту една
политичка партија која пред да дојде на власт не тврди дека ќе го реформира
судството (ќе го направи независно, моќно и столб на владеењето на правото).
Нема ниту една политичка
партија која пред да дојде на власт не тврди дека ќе ја професионализира
администрацијата (ќе ја направи непартиска, професионална, мала и ефикасна).
Нема ниту една политичка
партија која пред да дојде на власт не тврди дека ќе се избори со корупцијата,
и дека сите кои се огрешиле од законот ќе бидат соодветно казнети.
Дека ќе ги консултира
граѓаните, ќе го подобри животот на граѓаните, ќе го подобри образованието,
здравството, заштитата на животната средина.
Ниту една власт во
изминатите 30 години не спроведе реформа на судството, не ја професионализира
администрацијата, не се бори против корупцијата, не ги прашува граѓаните, не го
подобрува животот на граѓаните, не го подобрува образованието и здравството, и
издвојува се помалку средства за образование, здравство и заштита на животната
средина.
5. Глупо е да дојдеш на
власт со тврдење дека знаеш подобро, а потоа да изјавиш дека ти треба
волшебно стапче за нешто да промениш.
Секоја партија кога е во
опозиција изјавува дека знае точно како брзо и ефикасно да ги реши проблемите
на нискиот стандард, лошиот превоз, недостатоците во образованието, пензиите,
минималната плата, невработеноста, сообраќајниот хаос, загадениот воздух,
јавниот сообраќај, ...
Секоја партија која ќе
дојде на власт тврди дека претходните властодржци упропастиле се, украле се, ги
испразниле касите и заради тоа не може да се исполни ветувањето.
6. Глупо е кога партиските
челници велат дека ги разбрале грешките кои ги направиле претходно и
нема да ги повторат.
Ниту една партија дури ни
декларативно (на зборови) нема препознаено ниту една конкретна грешка која ја
направила во време на своето владеење и следствено не ни може нешто да поправи
и одново и одново ги повторува истите грешки.
Ниту една партија не ја
препозна најголемата грешка која го уништува ткивото на државата –
администрацијата.
Колку треба да си глуп за
во една мала држава со ограничени капацитети на професионалци и луѓе со
искуство и знаење, штом ќе дојдеш на власт да ги замениш сите раководни кадри
во администрацијата?
И колку треба да веруваш
дека имаш работа со огромен број глупи граѓани кои без проблем ќе го проголтаат
па дури и ќе го одобрат ова па најјавно и без никакво оправдување да ја вршиш
оваа замена?
Само како пример,
именувањето на нов директор (ве де) Иван Живковски на Агенцијата за катастар на
недвижности.
На страната на Владата ова
е дадено како една од многуте истоветни промени.
И од владата напишале дека
Живковски има магистрирано на тема „Правниот статус на Агенцијата за катастар и
недвижности како државен орган“, а има дипломирано на правиот факултет
„Јустинијан Прв“ во Скопје. Работи како адвокат. Па уште и во минатото бил и
претседател на Студентскиот парламент на УКИМ и има учествувано во повеќе
органи на управување.
Меѓутоа нема ни збор зошто
се разрешува претходниот директор.
А според законот:
Директорот на Агенцијата
може да биде разрешен пред истекот на мандатот во случај ако:
- со својата несовесна и
неправилна работа предизвика нарушување во вршењето на работите на Агенцијата и
причини штета утврдена во постапка согласно со закон,
- не работи и не постапува
според закон, статут и актите на Агенцијата, или неоправдано не ги спроведува
одлуките на Управниот одбор, или постапува спротивно со нив,
- е осуден со правосилна
судска пресуда за кривично дело на казна затвор подолго од шест месеци,
- му е изречена прекршочна
санкција забрана за вршење на професија, дејност или должност на раководно лице
во институцијата,
- поради долготрајна тешка
болест, која го спречува во извршувањето на обврските,
- ја изгуби деловната
способност,
- не достави извештај согласно
со членот 15 став (2) од овој закон, односно ако и по истекот на рокот
определен во истиот став не ги отстрани недостатоците и/или во тој рок повторно
има недостатоци и/или загуби во финансиското работење и
- на негово барање.
И тие кои ги менуваат без
мува да ги лази секој ден излегуваат и ни кажуваат дека ќе се борат со
корупцијата, партизацијата, владеењето на неправото.
Затоа што ги разбрале
сопствените грешки.
7. Глупо е да тврдиш дека си
исполнил ветување, а не си го направил тоа.
На пример, ако си ветил
зголемување на даноците, не може да сметаш дека си го исполнил ветувањето ако
тоа го одложиш на неодреден рок.
Или, ако си ветил дека ќе
ги покачиш пензиите за 5000 денари, па ги покаќиш за 2500 денари со ветување
дека уште 2500 ќе бидат исплатени по 6 месеци, значи дека не си ги покачил
пензиите за 5000 денари туку за 2500 денари. Ако во исто време го отфрлиш
системот на усогласување на пензиите со покачувањето на платите и со
зголемувањето на трошоците на живот, тоа значи дека не си ги покачил пензиите
ни за денар,
8. Глупо е да тврдиш дека имаш
гласачко тело од милион и 800 илјади, а во државата живеат милион и 700
илјади жители.
Според официјалните
податоци на Заводот за статистика во Македонија во моментов има милион и 700
илјади жители.
Според Изборната комисија
гласачкото тело во Македонија го сочинуваат милион и 800 илјади жители.
9. Глупо е да отвораш
фронтови на сите страни.
Актуелната власт отвори
фронт со Грција и Бугарија и ЕУ државите и САД без видлива идеа за последиците
од ваквото постапување, без алтернатива и без реален материјален и човечки
капацитет за позитивно разрешување на ниту една од започнатите битки.
10. Глупо е на
раководни позиции да носиш осудени и неосудени криминалци.
Што може граѓаните да
очекуваат од власта која за генерален секретар на владата именуваш човек кој е
осуден заради злоупотреба на службената должност, а за директор на државните
патишта човек кој ја овозможи една од најголемите кражби на државни пари заради
која се кренаа граѓаните на долготрајни демонстрации и беше формирано
специјално обвинителство, и кога знаеш
дека некој од позиција на власт те краде, а да велиш нека крадат ама со усул.
Исто толку глупо е на
раководни позиции да поставуваш
функционери – приправници.
11. Глупо е секоја власт
да почнува да гради кров на куќата која нема ни темели.
Секоја партија кога ќе
дојде на власт тврди дека поставува темели и носи системски решенија а во исто
време руши се добро што направила претходната владејачка структура, а задржува
и развива се лошо што направила претходната владејачка структура.
12. Глупо е да се
нарекуваш Европски фронт а да постапуваш спротивно на извештаите на ЕУ.
Се додека беа на власт ДУИ
(кои себе се нарекуваа проевропска партија) и кога станаа опозиција инсистираат
на постоење на балансерот и покрај тоа што во извештаите на ЕУ тој е оценет
како негативен институт за воспоставување на владеењето на правото и разво на
администрацијата како непристрасна и професионална.
Глупо е кога луѓето кои се
иселиле од државата упорно и со огромна жар поддржуваат партии кои се директни
учесници во создавањето на условите за живот заради кои се иселиле од државата.
Глупо е да бараш да ти се
запосли детето без соодветно образование, а да ја пцуеш администрацијата заради
некомпетентност и неефикасност.
Глупо е да си дел од
словенското население, со словенски јазик и култура, а да се претставуваш како
антички Македонец.
Глупо е премиер да шета со
лопата и да положува темел на градинка.
Глупо е некој да направи
грешка а цела држава да плаќа за неговата грешка.
Глупо е да изгорат 14 луѓе
и никој да не е виновен.
Глупо е да купиш три палми
за 700000 евра и како награда да бидеш поставен за директор на јавно
претпријатие за државни патишта.
Глупо е претседател на
судскиот совет да ти биде стручен соработник.
И ова не е крајот, не е
ниту почетокот на огромниот број глупи работи кои ни се случуваат во изминатите
30 години.
И едно време се обидував
да најдам рационално објаснување за нерационалните нешта кои секојдневно се
случуваат.
Се обидував да објаснувам,
аргументирам, да нудам податоци и алтернативни решенија.
И после 43 години
истражувачка и професорска работа, 43 години научни трудови, предавања,
прирачници, стратегии, планови, закони, се јавува некоја голема бела птица која
по морбидна игра на историската неминовност станала министерка, на фејсбук
статус ти вели: дајте некоја идеја, направете нешто добро за државата.
Во тој момент единствен
спас наоѓам во препрочитување на страшната
книга на Кипола – базични закони на човековата глупост.
И некако се добива логично
објаснување.
Прв закон:
Секој секогаш и неизбежно
го потценува бројот на глупави луѓе во оптек.
Потребен е навистина голем
број луѓе за да се случуваат сите овие глупости.
Втор закон:
Веројатноста дека некоја
личност е глупава е независна од која било друга карактеристика на таа личност.
Граѓаните во Македонија
може да бидат многу образувани и со големо знаење од одредена област, и добри,
и вредни и начитани и ... ама тоа не го менува фактот дека при изборот на тие
кои ќе ја предводат државата и ќе управуваат со нивните животи покажуваат
неверојатна глупост од епски размери.
Трет закон:
Глупава личност е личност
која предизвикува загуби на друго лице или група луѓе кога тој или таа нема
корист, па дури и може да претрпи загуби.
Навидум тие кои доаѓаат на
власт се во добивка од прекршувањата на законите, меѓутоа, тие го дишат истиот
загаден воздух, возат по истите небезбедни патишта, ја јадат истата затруена
храна. Нивните деца се иселуваат во странство заради условите на живот кои ги
создале нивните родители...
Четврт закон:
Неглупавите луѓе секогаш
ја потценуваат деструктивната моќ на глупавите поединци.
Над 30% од гласачите во
Македонија велат дека не ги интересира политиката и не ги интересира кој е на
власт. Многумина се гордеат со тоа што не гласале за ниту една партија.
Многумина мислат дека ако си ја гледаат работата нема да трпат последици од
бандата глупаци поставена на високи управувачки функции во државата. И многу
грешат. И тоа секојдневно им се удира од глава.
И граѓаните не разбираат
што значи тоа кога глупите властодржци ќе ги променат сите раководни кадри во
администрацијата и како тоа се одразува на функционирањето на државата и
владеењето на правото.
Петти закон:
Глупавиот човек е
најопасниот тип на личност.
На глупавиот човек не може
да му објасниш, не може да го употребиш и не може да се заштитиш од него.
Никако не може да објасниш
зошто не треба да се постави за генерален секретар на Владата осуден
криминалец. Не може да објасниш зошто
не смее да има релативна инклузија во образованието. Не може да го употребиш
Уставниот суд или канцеларијата на Народниот правобранител. Не може да се
заштитиш од законите кои ќе ги донесе, од институциите кои ќе ги направи
нефункционални, ниту од срамот на кој ќе те изложи со своето делување.
Понекогаш ми е навистина
тешко да објаснам дека топката која ќе ја удриш од ѕид секогаш ќе се одбие.
Ама така е. Научно е докажано.
А може и да ми верувате на жими
мајка.